Близу 18 отсто работници примаат плата во кеш, работодавачите се сомневаат, велат, казните се големи

21 October, 2017 - 15:44

И покрај бројните инспекции и казни, кај газдите се уште не е искоренета навиката дел од платата на работниците да им ја исплаќаат во кеш. Истражувањето на Институтот Фајненс Тинк покажало дека 17,8 отсто од работниците во земјава кои имаат формален договор за вработување, добиле плата во плико во 2017 година.

„Ова значи дека работникот, покрај средствата на сметка, добил и дополнителен кеш во плико. За работодавачите ова значи заштеда од плаќање на социјални давачки и даноци, а за работниците значи неправедно кратење на нивното социјално, здравствено и пензиско осигурување и вештачко намалување на нивната кредитоспособност“, вели Благица Петрески од „Фајненс тинк“.

Платата во плико е најзастапена кај примателите на минимална плата. Дури 62 отсто од работниците осигурани на минимална плата добиваат и плата во плико. Притоа, во просек, платата во плико изнесува речиси исто колку и формалната.

„Со воведувањето на повисоката минимална плата, работодавците ќе бидат приморани дел од овие исплати во кеш да се трансформира во формален начин, тоа е едно од решенијата кои веројатно ќе ја намалат оваа исплата во кеш“, вели Петрески.

Мајсторите од различен вид, или 23,2 отсто од оние во металната, машинската, текстилната и прехранбената струка, како и 21,5 отсто од работниците во услужните дејности, примаат плата во плико. Таа е најзастапена кај работниците во градежништвото, со 28 отсто.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи, вели дека е изненаден од резултатите на оваа анкета. Вели, често во анкетите се изразува и перцепција.

„Во Македонија може да има такви случаи со цел да се избегнат придонесите и даноците, но не и за плати пониски од 10.500 денари, колку што изнесува минималната основица за плаќање на придонесите во нето износ. Од друга страна, казните за вакви дела се огромни, дури предвидуваат кривично дел за исплата на плата во кеш. Не знам кој работодавач би се осмелил, освен ако нема некакви врски во инспекциските органи, или ако се надева дека на некој друг начин, со корупција, ќе го избегне плаќањето на таквите високи казни“, вели Димитров.

Казните секако се една од мерките за намалување на платата во кеш, велат од Фајнанс тинк, но сметаат дека подобар резултат може да дадат мотивацијата и едукацијата, како што се воведување поголеми даночни ослободувања за најниско платените работни места, поедноставни процедури за формализација, како и зголемување на даночниот морал.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 1428 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.