Блокирани сметките на ФЕНИ, Владата смирува, ни еден од 850 работници нема да остане без работа

21 September, 2017 - 15:36

Блокирана е сметката на кавадеречки ФЕНИ, било стопирано и производството. Околу 850 вработени се во паника, првите луѓе на Синдикатот за индустрија и рударство денеска на состанок со менаџментот на комбинатот се обидуваа да најдат решение за проблемот. Сметката е блокирана од две банки, на кои ФЕНИ им должел одредени суми поради пролблемите во работењето предизвикани од ниските цени на фероникелот на светските берзи. Во моментов се преговара со двете банки, но детали не се соопштуваат. Од синдикатот не губат надеж.

„Некои од банките место да бараат решение, посегнаа по блокирање на сметката на ФЕНИ. И вчера и денес течат некои преговори на високо ниво со банките за деблокирање на сметката и продолжување на производството. Сите работници на ФЕНИ се на работа, а вчера беше исплатена и августовската плата. Се надеваме дека ќе се надмине и овој случај“, вели Ристески.

Денеска и опозициската ВМРО-ДПМНЕ се огласи во врска со ФЕНИ, но таа за проблемите на комбинатот го обвини вицепремиерот Анѓушев. Од таму тврдеа дека фирмата која го снабдува комбинатот со електрична енергија ЕДС, а која е во сопственост на Анѓушев, веќе ја блокирала сметката на „Фени”.

Анѓушев најостро демантираше, вели дека тоа е дрска лага и конструкција. Тој нагласува дека сметката на комбинатот била блокирана од Силк Роуд банката и други банки заради неисполнети финансиски обврски, како и од добавувачот на руда од Албанија.

„Владата е посветена на овој проблем, имаме разговори со сопствениците и менаџерите, да изнајдеме решение на проблемот. Ни еден работник нема да биде испуштен“, рече Кочо Анѓушев.

Вицепремиерот нагласува дека сепак, сопствениците и менаџерите на ФЕНИ мораат да понудат долгорочно решение на проблемот, бидејќи Владата не може да се меша и може да помогне само со краткорочни мерки. ФЕНИ е еден од најголемите извозници во земјава, и значаен капацитет за домашната економија.

Нина Нинеска - Фиданоска

Веста е прочитана 2044 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.