Бомбите ќе бидат доказ и во Триста на СЈО - нова пресуда на Апелација

22 September, 2017 - 15:35

Бомбите ќе можат да се користат како докази за предметот Триста, за злоупотреби со набавка на 300 возила за МВР . Скопска апелација  ја прифатила жалбата на СЈО и го преиначила решението на Кривичниот суд кој претходно ги издвоил прислушкуваните разговори од предметот.

 Со ова снимките стануваат дел од доказниот арсенал на Катица Јанева што ке го користи во судница против поранешниот помоник министер во МВР Ѓоко Поповски,  обвинет дека го оштетил буџетот за 28 милиони денари со набавка на возила кои не биле со најповолна понуда.  Прислушкуваните разговори според  одлуката на апелација се заkонски прибавени.

-Апелациониот суд Скопје го одби предлогот на обвинетиот Ѓ.П.  содржан во неговиот приговор поднесен против обвинителниот акт, од списите на предметот да се издвои аудио запис од телефонски контакт, како доказ прибавен на незаконит начин, со образложение дека наведениот доказ - аудио запис од телефонски контакт претставува доказ прибавен на законит начин и како таков може да се користи како доказ во предметната кривична постапка, објаснуваат од судот.

Ова е втора одлука на апелација со кој ги бетонира бомбите како докази. Летоска ја укина одлуката кривичен кој ги издвои прислушкуваните разговори од доказниот материјал за Шамарите во центар каде обвинет е експремиерот Груевски, екс министерот Јанакиевски и уште 12 мина обивнети. Со што и на ова судење кое треба да продолжи следната недела снимките ќе бидат доказ.

Досегашниот тренд на одлуки покажува дека Кривичен пресудува во корист на обвинетите кои бараат бомбите не бидат докази против нив, додека пак апелација носи одлуки во корист на жалбите на СЈО кое и во последниот извештај посочи дека освен прислушкуваните разговори имаат и други аргументи во прилог на обвиненијата.

Претседателот на Врховниот суд  Вангеловски  уште пролетоска побара од своите колеги да изгласаат начелен став  за употреба на бомбите, но до сега не дојде до гласање за поддршка на неговиот реферат кој потоа ќе  требаше да  биде насока за пониските судови како да одлучуваат за бомбите.

Со оглед на тоа дека и во други обвиненија СЈО поднело прислушкувани разговори како докази се очекува  судиите од кривичен поединечно да се изјаснуваат.

 

Веста е прочитана 2822 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.