Буџетот за 2018 проектиран на 3,44 милијарди евра

2 November, 2017 - 12:48

Буџетот за 2018 година е проектиран на 211,7 милијарди денари или 3,44 милијарди евра. Приходите се планирани на 193,5 милијарди, а буџетскиот дефицит на 18,2 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП. За капитални расходи се предвидени 24,7 милијарди денари, а во предложениот буџет има средства и за повисоки плати во образованието, здравството, како и за зголемување на пензиите, односно нивно усогласување со трошоците на живот. 

Според Предлог-буџетот, што денеска беше претставен на јавна дебата во Минситерство за финансии, расходите се за 4,1 проценти повисоки од оние во 2017 година, а приходите за 4,7 проценти.

Најголем дел од расходите се наменети за пензии, социјална и детска заштита со 32 отсто од вкупните расходи, 19 процнети се наменети за економски развој и финансиски работи, 14 отсто за здравство, 11 проценти за образование, наука и спорт, по пет проценти за градежништво, транспорт, комуникација и екологија, земјоделство и јавен ред и безбедност, три проценти за одбрана, по два отсто за надворешни работи и ЕУ интеграција и култура, и по еден отсто за судство и регионален развој.

Платите се проектирани на 27,1 милијарди денари и има раст од 460 милиони денари заради повисоките плати за сите припадници на АРМ, нови вработувања во детските градинки, како и зголемувањето на платите во здравството, образованието и во градинките за пет проценти кое е планирано со септемвриската плата во 2018 година.

Кај капиталните расходи е планиран раст од 1,3 милијарди денари повеќе во однос на ребалансот од 2017 година. Министерот рече дека е планирано интезивирање на сите активности на патната и железничката инфраструктура, комуналната и енергетската инфраструктура, инвестиции во здравството, образованието и детската заштита, а особено се зголемени средствата за одбрана и гасификација.

Веста е прочитана 348 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.