Царовска: Работниците да пријават злоупотреби со минималната плата

14 November, 2017 - 17:15

Работниците чии газди прават злоупотреби со исплатата на зголемената минимална плата, да се охрабрат и веднаш да ги пријават. Министерката Мила Царовска ги повика работниците да не молчат околу овие случаи.

„Добиваме информации дека има злоупотреби и дека граѓаните треба да ја вратат платата, јас затоа апелирам дека е многу важно да имаме сведоци за да покренеме постапки, тоа не само што е прекршочно, тоа е кривично дело – да вие од работникот земате назад пари во кеш или да исплаќа пари на рака. Затоа јас ги замолувам сите работници да се охрабрат и кмонечно да ја завршиме таа работа за злоупотребите на работната сила во компаниите и јас искрено ќе стојам позади секој работник кој ќе пријави ваква злоупотреба или непочитување на законоите“, рече Царовска.

За министерката е најбитно што дури 90 отсто од фирмите го почитуваат законот и исплатиле плата од 12 илјади денари. Друго прашање е што само 2.300 компании минатиот месец побарале буџетската парична помош. Тоа и го предвидовме, вели Царовска, дека фирмите ќе имаат капацитет сами да ја исплатуваат минималната плата, но понудивме субвенции за да не се создава паника, сега гледаме дека таа не се искористува.

Некои од бизнисмените анонимно говореа дека се плашеле оти ако побараат државни пари, ќе им биле испратени инспекции.

„Можеби им треба период за адаптација, можеби наредниот период ќе се пријават за субвенции, можеби чекаат да видат како ќе постапи државата кон оние фирми кои бараат буџетска поддршка, но треба да се ослободат и фирмите, и нив ги мотивирам дека таа буџетска поддршка е за нив, да не се плашат и да ја искористат“, вели Царовска.

Бизнис секторот засега е воздржан, се надева дека владините мерки ќе го подобрат бизнис амбиентот.

„На почеток сме на примената на оваа мерка, ќе бидеме во постојана комуникација со Министерството за труд и Владата, за да овозможиме соодветна примена на законите во практиката“, вели Милевска-Штрбевска.

Владата најавува поддршка за компаниите од кожарската индустрија кои се соочиле со проблеми поради минималната плата, за тие да го пребродат критичниот период.

Околу 80 илјади работници кои добиваа пониски примања, веќе ја добиваат зголемената минимална плата од 12 илјади денари.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 2919 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.