Чавушоглу: Македонија заслужува прием во НАТО и ја има турската подршка

18 June, 2017 - 20:01

Исчистениот 600-илјади евра вреден мерцедес по една недела повторно во јавноста, но сега како автомобил за гостинот од Турција, министерот за надворешни работи Мевљут Чавушоглу. Тој на прес конференцијата не пропушти да го потенцира она што постојано го слушаме од претставниците на Турција, дека Македонија одамна го залужила членството во НАТО и дека  државата во која е гостин, секогаш и секаде ја нарекуваат Република Македонија.

Слични пораки и пренел и добил од претседателот на државата, со кого Чавушоглу ја почна еднодневната густа агенда.

„По решението на политичката криза време е да се создаде нов поттик за членството на Република Македонија во НАТО. Како и досега, ја очекуваме вашата отворена и гласна поддршка“, истакнал Иванов на средбата.

Последен со Чавушоглу се сретна премиерот Зоран Заев. Му биле пренесени честитките за изборот на нова влада, а биле потенцирани евро-атланстките заложби.

„Владата на Македонија е силно посветена на реформите важни за евро-атланстките интеграции на државата, но тие истовремено ќе придонесат и за развој на економијата и правната држава, како и за квалитетен живот на сите граѓани“, му рекол Заев на Чавушоглу.

Но, на тој пат главен проблем засега е името, но двајцата шефови на дипломатии сметаат дека во интерес на сите, а посебно во интерес на Македонија, Грција и Турција е членството во НАТО и подобри односи во регионот.

Чавушоглу се сретна и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски каде исто така е потенцирана турската поддршка на македонските заложби. Освен за интреграциите, Чавушоглу со своите домаќини разговарал и за продлабочување на економската размена и инвестициите, како и за можна соработка на разузнавачките служби во размена на информации за борба со екстремистички групи. Чавушоглу според грчките медиуми, утре со турскиот премиер ќе биде во посета на Атина.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 4071 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.