Дали Алијансата за Албанците ќе го задржи Министерството за здравство?

7 November, 2017 - 15:48

Многу дилеми има околу името на наследникот на Арбен Таравари на функцијата во Министерството за здравство. Алијансата за Албанците очекува да ја задржи фотељата во здравството, но одбиваат да посочат можни кадровски решенија. Според претседателот на партијата Зијадин Села, името на директорот на Клиниката за очни болести Беким Татеши, кое се појавува во дел од медиумите е за сега само шпекулација, бидејќи одлуката ќе ја донесе централното претседателство на партијата. Многу работи ќе бидат појасни откако Села ќе се сретне со премиерот Заев.

„Договорот за коалиција е направен уште при формирањето на Владата, и не би било принципиелно да се променат нејзините позиции. Кога ќе се одржи мојата средба со премиерот Заев, зависи од него“, рече Села.

Партиски извори од СДСМ сепак оставаат можност наследникот на Таравари, да не биде од редовите на Алијансата за Албанците.

„Владата ќе се води од кадровската понуда на коалицините партнери. Пресудно ќе биде кој ќе понуди најквалитетен кадар бидејќи здравството е најважната сфера.  СДСМ останува коректен партнер во коалицијата и ќе се грижи за соодветна и правична распределба на државните функции во однос на коалиционите партнери“, велат од СДСМ.

Во СДСМ не коментираат дали доколку Алијансата за Албанците остане без Министерството за здравство, за возрат би добила друг ресор. Очекувањата се дека токму пополнувањето на испразнетите министерски места и начинот на продолжување на коалициската соработка, ќе бидат темите за кои ќе зборуваат лидерите од владината коалиција. Кога ќе се одржат средбите меѓу Заев, Ахмети и Села и во каков формат за сега е непознато. Според ДУИ Ахмети е во секојдневна комуникација со Заев и она што не се става под знак прашање се реформската агенда и интегративните процеси.

Сања Јовановиќ Дамјановска

Веста е прочитана 3119 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.