Дастин Хофман обвинет дека сексуално малтретирал 17 годишна девојка

1 November, 2017 - 21:39

Не се смирува бурата на сведоштва во Холивуд за сексуални малтретирања и злоупотреби. По лавината со продуцентот Вајнстајн, извинувањето и „каминг оутот“ на Кевин Спејси, денес во окото на бурата е Дастин Хофман.

Најновото сведоштво е на писателката Ана Грахам Хантер, која на 17 годишна возраст била сексуално малтретирана од Хофман. Случајот датира од 1985 година кога младата Хантер работела како стажист на еден од филмовите на популарниот американскаи актер кој денес има 80 години.

Во писмо упатено до Холивуд Репортер таа ќе напише: „Имав 17 години, денес имам 49 и подобро ги разбирам нештата. Тој беше предатор, јас бев дете. Тоа беше сексуално малтретирање. Сакав многу работи на тој филмски сет, додека не престанав повеќе да ги сакам“.

Хофман одговара преку писмо во Гардијан каде изјавува дека се извинува.

„Имам максимална почит кон жените и ми е жал дека што и да сум направил можело да ја стави во непријатна позиција. Жал ми е. Тоа однесување не ја рефлектира личноста која што сум“, истакнува Хофман.

Хофман кој изрази мислење и за скандалот Ванјстајн, во интервју минатиот 12 октомври ќе изјави дека таканаречениот „кауч за кастинзи“ - еуфемизам за сексуални услоги во замена за улоги, постоел од секогаш, веќе 60 – 70 години. „Тоа е важен проблем за кој треба да се открие еднаш засекогаш“.

Тогаш и ќе додаде: „Не знам зошто луѓето го гледаат феминизмот во негативна конотација, жените се граѓани од втора класа, не само затоа што заработуваат помалку, туку и затоа што на мажите им е дозволено да прават што сакаат“.

Очигледното со годините Хофман станал помудар.

Пред бурата сведоштва Америка и светот се прашуваат. Дали за ваквите пракси, ќе одговараат, дали морално или кривично, само големите хипокрити во општеството?

Фиктивниот претседател Кевин Спејси, со прекин на серијата „Хаус оф Кардс“ ќе си плати цех за својите сексуални злоупотреби.

Вистинскиот претседател Доналд Трамп, иако обвинет од преку 10 жени за сексуално матретирање, нема да одговара.

Сите оние низ светот кои се отворено мачоисти, мизогини, никогаш не одговараат.

Испаѓа како нивната позиција да е легитимна.

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 3106 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.