Дебатата за законот за јазиците продолжи со исти тези

13 November, 2017 - 21:33

За опозицијата е противуставен и ќе донесе многу проблеми, мнозинството, пак, тврди дека ќе го подобри соживотот и нема да го загрози македонскиот јазик. Дебатата за Законот за употреба на јазиците, што беше прекината поради изборите, продолжи со истите тези и обвинувања.

Токму оваа изјава, за ВМРО ДПМНЕ е доказ  дека власта не ја интересираат државните интереси, туку политичките договори. За нив е спорно и што законот се носи со европско знаменце, затоа што со него нема никакво усогласување со европското законодавство. Пред изборите тие ја одолговлекуваа расправата со деноноќни дискусии, на што не им остануваа должни ниту од опозицијата.

Сепак, денеска дел од пријавените за дискусија се повлекоа, а најавија дека ќе поднесат амандмани со цел, како што велат, да се спречи употреба на албанскиот јазик онаму каде што нема припадници на оваа етничка заедница. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се обидува да издејствува договор на средби на  координаторите на пратеничките групи, кои траат и по повеќе од два часа.

Од ДУИ, пак, денеска не дискутираа за законот. Единствено во реплика на пратеник, Џевад Адеми рече дека е крајно време оваа тема да се затвори.

Социјал-демократите остануваат на тврдењето дека, законот нема да ја наруши унитарноста на државата и обезбедува целосна граѓанска еднаквост.  

Со него се предвидува на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи освен македонскиот,  службен јазик да биде и албанскиот. Овој јазик ќе биде службен и во сите органи на државната власт, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции и установи.

Законот предвидува и казни за институциите и правните лица што нема да го спроведат, за што ќе се формира и Инспекторат, како и Агенција за примена на јазикот. 

Далиборка Демјанска

Веста е прочитана 1278 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.