Дефанзивни позиции и песимистички погледи во грчкото општество околу спорот со Македонија

6 October, 2017 - 21:35

Грчката фондација за европски и меѓународни политики, објави истражување околу грчкото јавното мислење во однос на прашањето за името, македонското прашање и воопшто односите со нашата земја.

Истражувањето покажува еден песимистички став на недовeрба од страна на грчката јавност кон меѓународните процеси и генерално емотивна поставеност кон проблемот со името. Според авторите истражувањето покажува дека мнозинството Грци имаат одбивен и тврд став кон спорот, и дека 25 години по појавување на „македонското прашање“ темата воопшто не е заборавена и се уште е многу релеватна за грчката јавност.

Да почнеме од самиот спор за името. Испитаниците сметаат дека спорот е од огромна важност. 58% веруваат дека е многу важно спорот да се реши што побрзо и други 19 % истакнале дека е донекаде важно. Дури 71, 5 отсто сметаат дека одолжување на решавањето и штети на Грција. Ова се надоврзува на широко распространетото убедување од 72 проценти кои веруваат дека меѓународната позиција на Грција е послаба од лани, и дека понатаму ќе слабее.

Околу компромисот, 57 проценти се изјасниле против употребата на зборот Македонија во идното име на нашата држава. 28 отсто би прифатиле сложено име. Само 10 проценти го прифаќаат нашето уставно име. Истражувачите заклучуваат дека големо мнозинство од грчката јавност не би прифатило договор меѓу Скопје и Атина, односно дека јавноста каска зад напредоците на политиката и дипломатијата.

Ваквата некомпромисност, недоверба и песимизам кај грчката популација се должат на слаба информираност околу детали од спорот, голема недоверба кон нашата земја, кон третите страни инволвирани во спорот, како и недоверба од постоњето на предности од подобрување на билатералните економски односи.

55,5% сметаат дека употребата на името Македонија би станало закана по територијалниот интегритет на Грција, во иднина. 37% не се согласуваат.

Иако само 2,5% сметаат дека Македонија е надворешна закана  за Грција, големо мнозинство е убедено дека доколку зборот Македонија, во која било форма, се најде во името на нашата држава, тоа би резултирало со идна територијална закана.

Од географски аспект, во регионот околу Солун два од три испитаника се против каква била употреба на зборот Македонија во нашето име, додека овој процент е многу понизок и под националниот просек во Атина.

И покрај тоа што се членка на ЕУ и НАТО и земја која употребила вето за нашиот влез во Алијансата, Грците немаат доверба во трети страни инволвирани во спорот. 4 од 10 испитаници сметаат дека ЕУ, САД и Германија се наклонети кон Македонија. ОН се сметаат за најнеутреални во спорот, иако 27 отсто верува дека и светската организација ја фаворизира Македонија.

Околу иднината! 38,5 отсто очекуваат статус кво околу иднината на билатералните односи, 29% дека односите ќе се влошат, додека 22 проценти очекуваат подобрување. 51 отсто веруваат дека решение на спорот би било заемно корисен за двете земји, 13 дека би профитирала Македонија, а 18,5 отсто дека најголема корист би имала Грција.

Истражувачите заклучуваат дека причините за ваквите дефанзивни позиции и песимистички погледи во грчкото општество треба да се бараат во последиците од економската криза. Но,и дека одговори треба да се бараат во самите корени на грчкиот идентитет, националистичкиот подем од раните 90-ти, возобновениот подем на конзервативните и реакционерни сили. Со други зборови, политичарите ги чека голема работа, не само на дипломатско ниво, туку и на поле на едуцирање и убедување на јавноста.

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 1159 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.