Дијалогот „Жан Моне“ не е замена за Пржино

10 November, 2017 - 18:32

Меѓупартискиот дијалог што во последната недела од јануари треба да отпочне во Париз, не е замена за дијалогот што лидерите и партиите го водеа во Пржино, објаснуваат европратеникот Иво Вајгл и неговиот домаќин, претседателот на Собранието Талат Џафери. Во куќата на Жан Моне, според нив, ќе се отвори конструктивна дебата за одбрани и важни теми за европската иднина на земјата.

По предлог на Џафери, први теми во разговорите ќе бидат: Собранискиот Деловник, Етичкиот кодекс на пратениците и Владеењето на правото. На средбите што овие два дена Вајгл ги имаше со парламентарните партии, договорено е секоја партија во Париз да биде застапена од еден координатор, еден пратеник и по еден вработен во собраниските служби. Известувачот за Македонија, европратеникот Вајгл вели дека од сите добил начелна согласност.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека не можат да изнесат конечен став за евентуалните средби со мнозинството бидејќи немаат прецизни информации за темите на кои би се разговарало.

-ВМРО ДПМНЕ смета дека во секоја држава за значајни прашања се води дијалог меѓу партиите во рамки на државните институции. ВМРО ДПМНЕ нема ништо против дијалог, но повторување на Пржино или надвор од Македонија, е непотребно и неприфатливо. За прашања како што е спорот околу името, остануваме на ставовите дефинирани во нашата програма.

За другите партии, иницијативата на Европскиот парламент е прифатлива. На првата средба е најавено присуство на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан како и на претставници на Француските власти. Наредните средби би се одржувале на други локации во Европа и во Македонија.

Соња Николовска

Веста е прочитана 1191 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.