Доделени наградите за најдобрите училишта во проектот „Рециклирање?! - КАЖИ ДА!“

25 September, 2017 - 14:45

Учениците од сите основни училишта во осум скопски општини, веќе петта година по ред преку проектот  „Рециклирање?! - КАЖИ ДА!“ по иницијатива на Пакомак - Друштво за управување со пакување и отпад од пакување и Шпаркасе Банка, имаат можност да учат за бенефитите од селектирањето и рециклирањето на амбалажниот отпад, но и во поширока смисла да осознаваат за волонтерската работа која развива свесност за општествените проблеми, поттикнува заедништво и активизам, соработка и изнаоѓање на соодветни решенија. 

Со својот интерактивен пристап, овој проект наиде на добар одзив кај учениците, но и кај наставниот кадар, бидејќи освен основната цел, воспоставување на единствен систем за собирање на амбалажа од пластика, поттикнува дискусии и извлекување на заклучоци, охрабрува тимска работа и преземање активности за општо добро. Резултатите од овој проект се видливи и на „теренот“, во околината на училиштата, во дворовите и игралиштата, каде скоро и да не можете да најдете фрлени пластични шишиња.

Оваа година, учениците од основните училишта во Карпош, Центар, Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром, Чаир и Бутел собраа над 32 тона амбалажа од пластика или над 1.200.000 пластични шишиња, од кои 16%, односно 200.000 пластични шишиња собраа учениците од О.У. „Браќа Миладиновци“ од Аеродром, што им го донесе првото место. Другите наградени училишта се: О.У. „Аврам Писевски“, О.У. „Кузман Шапкарев“, О.У. „Крум Тошев“, О.У. „Димитар Поп-Ѓеорѓиев Беровски, О.У. „Јохан Хајнрих Песталоци“, О.У. „Климент Охридски“ и О.У. „Тефејуз“.

На настанот за доделување на награди беа присутни претставници од наградените училишта, многу ученици, наставници и други поединци од страна на инволвираните субјекти и иницијатори и поддржувачи на овој проект.

 

Веста е прочитана 327 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.