Договор за Владина реконструкција-нарeдната недела

4 November, 2017 - 16:44

 

Договорот за реконструкција на Владата ќе ја почека наредната недела. Средбата со Села што премиерот Заев самиот ја најави за деновите од викендов, е одложена најрано за вторник. А утре или во наредните денови може да се очекува средба Ахмети-Села. Од ДУИ се повоздржани, но извори блиски до Алијансата најавуваат дека двајцата лидери ќе се обидат да ги затоплат меѓупартиските односи, кои сериозно беа разнишани за вториот круг од Локалните избори. Двете партии, иако коалициски партнери во Владата, беа соперници во повеќе општини: ДУИ доби поддршка од СДСМ, а Алијансата воспостави соработка со опозициската БЕСА. Според СДСМ, тоа не ја загрозува владеачката коалиција. Очекуваат таа да продолжи да функционира како до сега.

Шеќеринска најави дека за некои проекти на Владата се очекува широка поддршка од што поголем број пратеници. Дури и од некои што беа избрани на листите на Коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ.

Алијансата веројатно останува во Владата. Но имаат принцип од кој за сега не отстапуваат.

Собраниската поддршка за Владата не е доведена во прашање. Таа ја има довербата на повеќе од половината пратеници. Сепак СДСМ ќе инсистира на постабилно парламентарно мнозинство. Прв тест ќе биде реконструкцијата на Владата, која е неопходна бидејќи двајца министри и еден заменик- министер станаа градоначалници.

Соња Николовска

Веста е прочитана 853 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.