Домашното производство клучно за развој на економијата

13 September, 2017 - 16:37

Прво треба да се сменат убедувањата а потоа да се премине на сериозни чекори за развој на економијата, вели експертот од Виенскиот институт Владимир Глигоров.  Според него погрешно и неодржливо е размислувањето дека македонците треба и понатаму само да трошат, а странците да вложуваат. Домашните компании се многу ориентирани на домашниот пазар а за развој на земјата клучни се иновациите и уште поголем извоз рече тој. Со потенцијален раст од 4 % идните генерации ќе имаат можност да живеат со европски стандард.

Потрошувачката мора да се намали, инвестициите да растат, 22- 23 % од БДП, побрзо да расте извозот од увозот. Некој што сега има 20 години, за 30 години може да живее со просечен стандард на ЕУ, истакна Владимир Глигоров од Виенскиот институт.

Премиерот Заев е убеден дека нема да чекаме 30 години за да го достигнеме европскиот стандард и изрази уверување дека Македонската економија може да испорача раст од 4 %. За мала држава како Македонија неопходна е извозно ориентирана економија, рече вицепремиерот Анѓушев.

Сега имаме извоз од 50% од БДП а со втор квартал 53 %.Ако не стигнеме до 65-70%  не може да сметаме на сериозен раст, кажа Кочо Анѓушев, вицепремиер на РМ

Извозот ќе биде поддржан преку пакет мерки кој го подготви владата а со кои меѓу другото е предвидена директна поддршка на компаниите кои ќе испорачаат раст на својот приход

Ништо нема да им биде одземено на тие што досега инвестирале, туку поддршката од државата ќе биде соодветна на резултатите што компаниите ги покажуваат и се гледаат преку завршните сметки, кажа, Зоран Заев, премиер на РМ.

Мерките ќе бидат достапни за нови инвестиции, но и за постоечки капацитети,и  за мали и средни претпријатија, а поддршката ќе расте во зависност од остварениот извоз, користењето на домашни суровини и услуги, а средствата ќе се враќаат по критериуми кои ќе бидат еднакви за сите. Владата ќе ги поддржи резултатите а не желбите, секој денар на даночните обврзници ќе биде одговорно искористен а тоа рече вицепремиерот Анѓушев ќе ја отвори спиралата на раст на БДП. 

Виолета З Стојановска

Веста е прочитана 552 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.