Двајца високи претставници на власта се под истрага

1 November, 2017 - 18:40

Двајца високи претставници на власта се под истрага. Ова го обелодени премиерот Заев на самитот на Мaкедонија 2025. Тие се на должност само неколку месеци, односно како што дообјасни Заев за Тeлма, посочените функционери се именувани на почетокот на август. Истрагата е рече тој, покренатa по пријава на граѓани.

„Ова го кажувам за прв пат. Јaс постојано ги охрабрувам граѓаните на нашето општество да пријавуваат потенцијални случаи на корупција и како резултат на тоа во моментов се води истрага по овие дојави за двајца високи претставници на власта кои се на должност неколку месеци. Сe разбира, ова е само истрага, не можеме да откриваме повеќе детали. Со ова сакам да кажам дека законот мора да важи подеднакво за сите“, кажа Заев.

На почетокот на август беа именувани 67 директори на органи, државни управи и казнено поправни установи. За кои од нив станува збор ниту една од надлежните институции не открива. Контактиравме со скопското обвинителство и со обвинителството за организиран  криминал и корупција, но од таму ни одговорија дека не знаат за какви постапки станува збор. Дополнителни информации не даваа ниту од Владата.

Веднаш регираше опозициската ВМРО - ДПМНЕ. Со ваквата изјава, Заев според нив потврдува дека постои директна спрега меѓу СДСМ и јавното обвинителство.

Постапките во обвинителствата се тајни и во ниту еден случај премиерот не би требало, нити би можело да знае што работат обвинителите кои се посебен државен орган, но со оваа изјава на премиерот се потврдува дека Заев во суштина е нарачател на работата на обвинителите, факт кој е скандалозен и тотално незаконски, соопштија од ВМРО – ДПМНЕ.

Информацијата за истрагата Заев ја кажа во неформалниот дел од самиот во разговор со бизнисмените  додека новинарските екипи го чекаа надвор од салата  за изјава во врска со актуелната политичка ситуација.

Сања Јовановиќ Дaмјановска

Веста е прочитана 10260 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.