Џолев: Нема да дозволам политички притисок врз судиите

10 November, 2017 - 15:43

За разлика од големиот медиумски интерес, на свечената заклетва на новиот претседател на Кривичен, Иван Џолев присуствуваа само петмина членови на Судскиот совет и претседателот Караџовски. На новинарските прашања за судот, кој во јавноста доби прекар Сваровски, рече дека нема да дозволи притисоци.

Повеќе не смее да има оправдувања или алибија ако не се подобри состојбата во Кривичниот суд, смета новиоизбраниот претседател. За тоа очекува помош и соработка од колегите. За распоредите на судиите кои до сега предизвикуваа големи турбуленции во судот, Џолев најави нов распоред на крајот на годината а до тогаш, ќе интервира само во тие оддели каде ќе биде потребна промена без одлагање.

Четворица судии кои беа привремено донесени од други градови деновиве се вратиле во матичните судови од каде беа делегирани во времето на Панчевски, потврди претседателот на Советот Караџовски. Меѓу нив е и судијката Александра Поп Стефанија, една од оние за кои Катица Јанева се жалеше пред Советот на факти дека несовесно постапуваат во предметите на СЈО. Караџоски негира дека имало подобни и неподобни судии.

Очекувањата и предизвиците пред Џолев се големи, сметаат експертите. Влегува во најголемиот суд со кој се поистоветува целото правосудство а над кој се надвиснати облаци на сомнеж за местење предмети, деградирање судии, политички влијанија врз работата и непријателски однос кон СЈО. 

Елена Ивановска Мукоска

Веста е прочитана 1046 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.