Еден град – две држави?

6 October, 2017 - 21:42

Жителите на Сан Рафаел дел Рио го чуствуваат притисокот на сецесијата уште пред таа да стане реалност. Малото градче лежи на границата која го дели регионот Каталонија со регионот Валенсија.

„Зад нас е реката Сениа, а неколку метри по неа е регионот Валенсија во провинцијата Кастелон. Реката е граница меѓу двете урбани јадра кои коегзистираат дневно. Каталонија завршува, а регионот Валенсија – Кастиља започнува“, вели Гвадалупе Еспиноза, жителка на Сан Рафаел дел Рио.

Старата ѕвонарна кула ја нуди единствената панорама на регионот и исушената река Сенија, која служи како природна граница меѓу Валенсија и Каталонија. Граница која досега ја гледаа само љубопитните, но скорешниот референдум за независност на Каталонија го менува тоа.

„Тешко им е на луѓето да разберат што значи тоа. За една хипотетичка граница да стане реална, потребни се уставни измени, а тоа не е шега“, тврди градоначалникот Доминго Гинер.

Во градчето функционираат две администрации, едната шпанска од Валенсија, другата каталонска. Но за неговите жители градот е една целина. Тие сега се загрижени дека конфликтот меѓу Шпанија и Каталонија може да ја подели нивната заедница меѓу две држави.

„Очигледно има разлика, Валенсија и Каталонија, но за нас тоа е еден град. Разделени сме од еден стометарски мост. За нас тоа не е граница меѓу Каталонија и Шпанија. Ако има граница, тоа нема да влијае на нас“, вели младиот спасувач Нацари Реверте.

Зачудувачки политиката е се поретка тема на разговор меѓу жителите на Сан Рафаел. Земајќи ги предвид последните настани околу борбата за независност, разбирливо е дека таа станува чуствителна тема. Поделбата меѓу сецесионисти и унионисти во малото градче не е видлива, но таа постои.

„Чудно е што не сме повеќе поделени. Имам брат кој гласаше за независност, но не можеме да зборуваме за тоа, затоа што станува тензично и не сакам да се карам. Напнатоста се зголеми последниве три години. Ова е тоа што го создаде“, оценува пензионерот Хектор Ревертер.

Сан Рафаел ја отсликува поделеноста меѓу Каталонците во целина, во поглед на референдумот. Опстојувањето на оваа тема создава замор кај жителите, не само во градчето, туку и во цела Каталонија. 42 проценти беше излезноста, според официјалните резултати, кои исто така покажуваат дека 90 проценти од нив гласале за независност.

“Секогаш сум гласал. Секогаш сум гласал, секогаш, но кога било законски. Не можам да направам повеќе на 74. Ставањето 6 ливчиња во кутија не е законски. Не е законски“, вели Ревертер.

Сан Рафаел е прикучен на каталонската водоводна мрежа, патна инфраструктура, електрична енергија па дури и го дели каталонскиот телефонски префикс. Но дефинитивната поделеност е нешто што неговите жители не сакаат да го видат.

„Не сакам да видам никаква граница. Сакам да умрам и да не ја видам“, дециден е пензионерот Ревертер.

900 лица беа повредени во немирите кои избувнаа откако шпанската национална полиција се обиде насилно да го спречи референдумот. Но бројките даваат појасна слика зошто Мадрид овој пат толку жестоко одговори. 7,5 милиони лица живеат во Каталонија, тоа се 16 проценти од вкупното шпанско население. Тие 16 проценти произведуваат 25,6 проценти од вкупниот шпански извоз, кои пак претставуваат 19 проценти од шпанскиот БДП, и дури 20,7 проценти од странските инвестиции во Шпанија, завршуваат во Каталонија.

„Со чиста совест верувам дека жителите на градов мора самите да одлучат како ќе се управуваат. Јас сум за независност, но повеќе како алатка отколку како крајна цел“, заклучува Еспиноза.

Жителите на Сан Рафаел дел Рио најмалку одлучуваат дали нивното градче ќе биде пресечено од граница. Тие не сакаат да користат пасош за да пијат кафе со својот сосед или училишен другар или роднина. Мадрид пак не сака да го изгуби својот најпродуктивен регион. Ова е борба која продолжува, затоа што влогот е голем и за двете страни кои никако не можат да се договорат.

Игор Трајков

Веста е прочитана 3042 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.