Еден извршител на убиството на Јанушев, Спасовски не открива дали има нарачател

8 November, 2017 - 16:15

Постои само еден убиец на Мартин Јанушев, тврди министерот за внатрешни Оливер Спасовски. Дали има нарачател не сака да шпекулира. Убедува дека истрагата за убиството кое се случи пред пет дена е на добар пат, ама детали не може да открие да не и наштети.

До сега полицијата се сомнева во еден извршител на убиството за кој смета дека имале претходни недоразбирања со убиениот Јанушев. Сепак точниот мотив се уште не е лоциран. Полицијата испрашала 35 мина сведоци, ги прегледала видео материјалите снимани од безбедносните камери во околината, но и оние кои се поставени од полицијата по булеварите низ Скопје.

Дали трагата ги води дека убиецот е надвор од земјава како што шпекулираа некои медиуми, Спасовски не потврдува. Не ги демантираше, но ниту ги потврди информациите дека можниот сторител има криминално досие. Полицијата разговарала и со вработени во  агенцијата за обезбедување „Омерта“, за да се осигура дали има некаква поврзаност со настанот. Агенцијата пак дел од медиумите ја врзуваа со владеачката гарнитура, но според Спасовски нема никаква политичка позадина на убиството.

Инаку со 4 куршуми во глава беше застрелан 28-годишниот Мартин Јанушев, поранешен фудбалер, пред влезот на зградата во која живее.  Во близина има ресторани па не е мал бројот на сведоците.

Во недостиг на официјални информации медиумите објавуваа дека убиството е поврзано со двајца, едниот активен затвореник пуштен на викенд од Идризово и друг кој имал новоформирана агенција која изминатите неколку месеци забележала подем во бројот на клиенти.

МВР потврди дека е распишана потерница по Ф.С. по барање на затворската управа поради тоа што по викенд не се вратил во Идризово. Агенцијата е под истрага. Инаку таткото на убиеното момче е пензиониран полицаец, братот е тим лидер во единицата алфи.

Пет дена по убиството полицијата не го фатила убиецот, а Спасовски негира дека му е дадено време за бегство. Вели дека од јули до сега имало 12 убиства а само ова и на Дилавер Бојку не се расфетлени.

Билјана Николовска

Веста е прочитана 3075 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.