Експертите предлагаат судиите да подлежат на реизбор

2 November, 2017 - 18:59

Експертската јавност предлага поостри одредби во стратегијата за реформите во правосудството, која се подготвува од страна на работна група. Една од нив е и судиите да подлежат на реизбор, односно да немаат траен мандат.

На јавните дебати на оваа тема беше потенцирано и дека, мора да се намали преголемата концентрација на моќ кај извршната власт. Ако тоа не се среди, се друго е џабе, затоа што судиите и без директни притисоци се самоцензурираат. Претседателот на Судскиот совет е против депрофесионализацијата на Советот, за која нагласи и дека е противуставна. Смета дека, ако се дозволи судиите од Советот да може и да судат во основните судови, а тука да се состануваат повремено, нивната работа нема да биде квалитетна.

Претседателката на работната група што работи на стратегијата, се согласува дека Уставот забранува вршење на двете функции, но вели дека тоа може да се реши ако е во согласност со закон. Кога ќе се менува Законот за судии, може да се дозволи и таа одредба.

Во стратегијата се предлага и начинот на избор на судии да биде двоен, а не како сега, само преку Академијата за избор на судии. Се дава можност, за судии да бидат избрани и правници со долг стаж и правосуден испит и тоа и во највисоките судови, како Врховсниот суд.

Ова, пак, го отвора прашањето за потребата од постоењето на Академијата. Се предлага и намалување на бројот на судии во Македонија, а зголемување на финансиите за судската власт кои би биле 0.8 отсто од бруто домашниот производ. Ова Караџоски го нарече научна фантастика, затоа што сега не се одделува ниту половина од таа сума, а буџетот постојано им се крати.  

Далиборка Демјанска

Веста е прочитана 2571 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.