ЕЛЕМ ќе го поништи тендерот на кој учествуваше фирмата на Анѓушев

15 September, 2017 - 18:13

ЕЛЕМ ќе го поништи тендерот за набавка на гумени транспортни ленти, на кој учествуваше и Фероинвест на вицепремиерот Кочо Анѓушев. Компанијата излегува од игра за овој тендер. Се очекува Комисијата за јавни набавки на ЕЛЕМ само да ја официјализира одлуката за поништување наредната недела.

Од ЕЛЕМ соопштија дека денешната аукција завршила делумно успешно. Потврдуваат дека цените понудени во четири од петте одвоени лота биле повисоки од предвидената сума на ЕЛЕМ за оваа јавна набавка во износ од 4,2 милиони евра, а прифатлива била понудата само за еден лот, дадена од компанијата Репро опрема Белград.

„Комисијата за јавни набавки на АД ЕЛЕМ ќе ја утврди фактичката состојба во следната недела и ќе се изјасни за натамошните чекори во врска со овој тендер. Според законот, една од можностите е да се прифати понудата за делот од набавката која е во рамките на предвидениот буџет на ЕЛЕМ, а за другите четири да се поништи тендерот и да се распише нов“, велат од ЕЛЕМ.

Од компанијата објаснуваат дека во тој случај ЕЛЕМ веднаш ќе почне процедура за нов тендер, бидејќи гумените ленти се крајно неопходни за да може да тече производството во РЕК Битола.

Се огласија и од Фероинвест, велат дека не го добиле тендерот, а со досегашните дезинформации во јавноста се нанела штета на нивното работење.

„Денеска Фероинвест не доби на јавната набавка... Пласираните дезинформации дека наводно сме добиле тендер, предизвикаа големи проблеми на компанијата и на нејзините бизнис партнери во странство. Ние сме извозно ориентирана компанија која 95 отсто од своето производство го наменува за извоз. Предизвикана е и штета по угледот на турската компанија Озенбард, наш досегашен партнер во вакви наддавања“, велат од Фероинвест.

Додаваат дека компанијата и натаму ќе остане отворена за сите прашања и ќе работиме транспарентно како и досега.

Денешното наддавање беше трето, откако претходните две аукции беа обжалени и поништени.  

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска го критикуваше учеството на компанијата на тендерот, овој пат прес конференцијата ја одржаа пред зградата на Фероинвест. 

МГС Невенка Стаменковска,  ВМРО-ДПМНЕ  751  од 01.10 до 01.42

„Владата мора под итно да го поништи тендерот и да распише оглас за нов. Со тоа ќе ги отстрани сите сомнежи дека се работи за наместен тендер од страна на Анѓушев и Заев“, вели Стаменковска.

Анѓушев во неколку наврати изјави дека нема конфликт на интерес, бидејќи тој е сопственик, а не и управител на Фероинвест. Премиерот Зоран Заев деновиве изјави дека законите не биле прекршени, но и дека не треба да се дозволи да постои и неетичност во целата постапка.

 

Нина Нинеска Фиданоска 

Веста е прочитана 1881 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.