ЕЛЕМ ќе произведе 10 % помалку струја од потребното, новото раководство најавува офанзива за да се избегне увоз

17 September, 2017 - 16:09

Производството во ЕЛЕМ во последните десетина години се движело во многу лош правец и од година на година постојано опаѓало, соопшти директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски. Во 2006 година, како што рече тој, биле произведени 6.510 гигават часови електрична енергија, во 2013 – 5.113, во 2016 – 4.300 гигават часови, а годинава се очекува да бидат произведени 3.600 гигават часови или за 400 помалку од потребите на тарифните потрошувачи. Поради помалото производство по ревитализацијата од 2012-та во РЕК Битола изгубени се над 130 милиони евра, изјави Миновски на денешната прес конференција.

– Претходното раководство не ги ремонтирало капацитетите и не ги подготвило за есента и за поголемата побарувачка во грејната сезона. И сега кога треба засилено да произведуваат, тие треба да бидат запрени за да работиме на нив. Направило тоа што било најлесно за да произведе електрична енергија. Ги впрегнало хидроцентралите до крајна мерка. Поради тоа лошо менаџирано празнење и поради недоволните дотеци на почетокот на оваа година, во моментов сите акумулации се толку исцрпени и потрошени, што нивото на водата во нив е спуштено под нивото потребно за безбедно и стабилно управување со системот, посочи Миновски, кој истакна дека ЕЛЕМ ќе направи напори да се зголеми производството и да се намали увоз на електрична енергија. 

Веста е прочитана 2746 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.