ЕЛЕМ не го послуша Анѓушев, тој бара итно да запрат јавните повици

19 June, 2017 - 18:17

ЕЛЕМ не ги послуша барањата на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев. Иако тој уште минатата недела порача веднаш да биде стопирана процедурата, државната ЕЛЕМ денеска го објави јавниот повик за изградба на топлификација на Битола, Новаци, Логоварди и Могила, тежок 46,3 милиони евра. Тој е објавен во три дневни весници, и на германската веб страница за трговија и инвестиции. Повикот трае до крајот на јули, а преку него ќе се набавува целата опрема потребна за топлифицирање на битолскиот регион. Ова следува откако пред неколку дена ЕЛЕМ го распишала и повикот за набавка на рударска опрема за РЕК Битола, вреден 34 милиони евра.  

Со жестока реакција за двата јавни повици во износ од вкупно 80 милиони евра денеска попладне се јави Кабинетот на Анѓушев. Вицепремиерот порача веднаш да бидат стопирани, потсетувајќи го се уште актуелното раководство на ЕЛЕМ дека и претходно биле повикани да го сторат тоа. Чинот на објавување го оцени како крајно непрофесионален. Анѓушев укажува дека за проектот за топлификација всушност се задолжува државава, бидеќи најголем дел од парите, 39 милиони евра, се од странски кредитор, германската КфВ банка.

„Без разлика дали се задолжува ЕЛЕМ, тоа е задолжување кое го прави Република Македонија. Токму заради тоа процесот мора да биде стопиран, да се иницира нова постапка и да помине низ соодветна процедура. Не би сакале ниту компанијата, ниту земјата, а најмалку граѓаните да претрпат штети заради неодговорност на менаџментот на ЕЛЕМ“, вели вицепремиерот.

Тој додава дека одредена штета е веќе направена, но крајно време е управниот одбор на компанијата да донесе одлука за мораториум на проектите, со цел таа да не биде поголема и да не се загрози меѓународниот имиџ на земјава. Според заменик премиерот, проектите на секоја компанија во државна сопственост мора да бидат одобрени од Владата, во соодветна постапка и процедура.

Директорот на ЕЛЕМ, Христијан Мицковски, пак, кој денеска беше службено отсутен, за Телма само кусо порача дека останува на својот претходен став, дека ги испочитувал сите одредби од Законот за јавни набавки.

„Постои процедура во која владата може да ни наложи стопирање, но тоа е нормално на владина седница, преку заклучок кој ќе ни биде доставен преку Надзорниот одбор“, изјави Мицковски.

Неофицијално, Владата, преку новиот директор на ЕЛЕМ кој ќе биде назначен, ќе го турка стопирањето на проектот за топлификација. Наши извори велат дека за битолскиот регион е планиран проект за гасификација, кој би вредел двојно помалку, околу 20  милиони евра.   

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 7027 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.