ЕЛЕМ нема да работи проекти кои не се дел од нејзината дејност

21 October, 2017 - 15:25

ЕЛЕМ ќе побара од владата проектите кои не се дел од нејзината основна дејност да се повлечат, дел да се запрат, а некои да се дадат за дореализација на некоја друга фирма, соопштуваат за Телма од компанија ЕЛЕМ. Станува збор за десетина проекти на ЕЛЕМ, меѓу кои и реализација на мастер планот за инвестиции на Попова Шапка, плажа во Дојран, модернизирање на авто кампот во Ливадиште, пешачко - велосипедска патека околу езерото Козјак, Рајски парк, Конгресен Центар во Охрид, Катна Гаража во Охрид.

ОД ЕЛЕМ велат дека за брзо време ќе испратат информација до владата, да ги анализираат сите проекти, и на крај таа треба да одлучи за истите. 

Од компанијата, изјавија дека инвестициите надвор од нејзината дејност како горенаведенти проекти, ќе ја загрозат нејзината финансиска состојба и ќе го отежне нејзиното работење. Оттаму сметаат дека сите нејзини расположливи средтства, треба да бидат насочени кои производство на електрична енергија. 

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини ја поздравува ваквата инцијатива на ЕЛЕМ. Тој смета дека компанијата треба да се реорганизира и да се насочи исклучиво кон производство на струја.

Од Иницијативата за спас на Попова Шапка, сметаа дека скијачките центри се во катастрофална состојба, поради одлуката со нив да стопанисува ЕЛЕМ. Со нивното неодговорно и нестручно однесување, дел од патеките на Попова Шапка се уништени и наместо инвестиции, на центарот ошетена е и дел од постојната инфраструктура. 

Поради нестручно и незаконско изведување на градежни активности, Инспектарот за животна средина за две години два пати ја запира изградбата на шестоседот на Попова Шапка, кој го гради компанијата ЕЛЕМ. Жичницата повеќе направи штета отколку корист. Изорана е дел од планината и исечен е ски лифт на една од најубавите ски патеки на Попова Шапка и Мал Јелак. Пред три години имаше и неуспешен обид да се изгради вештачко езеро на Цери Пашина, кое требаше да служи за рекреација и за правење на вештачки снег. За вештачкото езеро се ископа огромна дупка и голем дел оваа патека беше изорана. 

Поголемиот дел од проектите кои ЕЛЕМ ќе бара да се запрат, повлечат, или дадат на некоја друга фирма, се иницирани во форма на задолженија упатени од владата до ЕЛЕМ во периодот од 2011 до 2016 година. Иако некои активности се реализирани во целост, нити еден од проектите не е завршен.

Зоран Димовски

Веста е прочитана 1955 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.