Емир Хаџихафисбеговиќ дојде на „Синедејс “

17 November, 2017 - 21:38

„Јас сум амбасадор на својата земја, од како заиграв во филмот „Tатко на службен пат“, ќе рече големиот босански, денес и екс југословенски актер, Емир Хаџихафисбеговиќ. И навистина е така, зашто со ликот на Даиџа, во филмот од 1985, што го режираше неговиот професор, Емир Кустурица,  Хаџихафисбеговиќ, кој тогаш ги започнал студиите на Академијата за сценски уметности во Сараево, ја  освои јавноста и филмската критика и придонесе „Татко на службен пат“, да добие „Златна палма“ во Кан.

Во професионалната кариера, долга повеќе од 3 децении, тој одиграл 50 улоги во театар и на телевизија и снимил над 50 филмови. Незаборавни се неговите ликови во филмовите: „ Ајде да се сакаме“, „Тешко е да се биде фин“, „ Лето во златната долина“, „Караула“ и во  серијата „ Луд, збунет, нормален“. Има и две амблемски театарски рољи: Богољуб Шаулиќ во култната „Аудиција“, која и денес се игра и за која мораше пред некој ден во медиумите да го брани ликот дека не користи националистичка реторика, како и улогата на Зеко, во претставата „Жаба“.

Неговиот актерски дијапазон се движи од урнебесни комедии до психолошки драми и го определува како човек со особен oсет за мерка. Емир Хаџихафисбеговиќ е добитник на бројни регионални и меѓународни награди, a круна на досега сработеното, е освоениот Златен лав во Венеција во септември 2014, за улогата на таткото во филмот „Такви се правилата “.

Но, судбината сакаше по еден месец да направи сообраќајна несреќа, на 50 километри од Загреб и да ја убие мајката на манекенката Лана Кудуз. Овој случај ќе направи стигма околу него, а дестигматизацијата, според неговите зборови, ќе се случи откако ќе оствари контакт со семејството на унесреќената.

Хаџихафисбеговиќ важи за легалист и за остар критичар на босанската стварност. Со тоа, ќе признае дека изгубил можности за учество во 10 филмови, а поради заминувањето на Кустурица во Србија, за време на граѓанската војна и приближувањето кон Слободан Милошевиќ, Хаџихафисбеговиќ  за секогаш го расипа пријателството со својот професор. Пред распадот на СФРЈ, тој беше во партијата на Реформистите, војуваше во АБИХ, а потоа се приклучи кон СДА. 4 години беше министер за култура и спорт на сараевскиот кантон. Денес не е политички активен зашто смета дека на Балканот се живее во бесмислени општества, во кои аргументите како начин на комуникација се безначајни.

Емир Хаџихафисбеговиќ деновиве престојуваше во Скопје, на фестивалот Синедејс, каде беше прикажан филмот „Жаба“, работен според истоимената претстава на Дубравко Михановиќ. Во ова копродукциско остварување Македонија е присутна преку „Скопје Филм Студио“ и преку кинематограферот Дејан Димески, кој на годинашниов фестивал„ Браќа Манаќи“, освои „ Бронзена камера 300“. Хаџихафисбеговиќ не крие дека ликот на Зеко што овдека го толкува му е меѓу најомилените во кариерата.     

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1576 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.