Етикетите на прехранбените производи генерално соодветни на составот

2 November, 2017 - 12:01

Најголем дел од етикетите на прехранбените производи во Македонија ги имаат основните информации за содржината и квалитетот, покажува истражувањето што го спроведе Агенцијата за храна и ветеринарство.

Според истражувањето, отстапување има во однос на немањето нутритивни табели за хранливата вредност (26 проценти), во однос на немањето декларации на македонски јазик (9 отсто), и во однос на податоци кои може да ги доведат потрошувачите во заблуда (18 отсто).

„Истражувањето покажа дека само мал процент од етикетите имаат отстапувања што е потврда дека сите чинители во системот за безбедност на храната се сериозно ангажирани“,вели директорот на Агенцијата, Зоран Атанасов на презентацијата на резултатите.

Според него, податоците од етикетите на производите се во суштина означување на храната, а тоа е законска обврска на секој оператор, почнувајќи од производителите, трговците, увозниците и дистрибутерите.

Со истражувањето на АХВ беа опфатени 120 примероци по случаен избор од големите маркети, различни по вид и производител. Вклучени беа шест групи производи, житарки, преработки на овошје и зеленчук, месо, месни производи и риба, млеко и млечни производи, напитоци, масло, сол и зачини.

Веста е прочитана 255 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.