Етничка сегрегација во основните училишта

3 November, 2017 - 21:42

Битолската ромска невладина организација „Баирска светлина “, на 26 октомври годинава поднесе тужба против основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“, општина Битола и Министерството за образование за непочитување на одлуката на Советот донесена во 2009 година за реонизација на основните училишта. Во ова училиште настава следат претежно ромски деца, а голем дел од родителите од македонска националност, кои живеат во близина, не ги запишуваат своите деца во „Ѓорѓи Сугарев“, туку одлучуваат да ги носат во други школи, кои припаѓаат на други реони со претежно македонски ученици. Од „Баирска светлина“ тужбата ја поднеле со поддршка на меѓународни организации кои се занимаваат со правата на Ромите.

„Имавме средба со родители на деца кои учат во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“, односно со Ромите, за да се добијат повеќе информации за тоа каква е состојбата, по што Европскиот центар за правата на Ромите заедно со Баирска светлина поднесе тужба против  две училишта во Битола, против општина Битола и Министерството за образование“, изјави, Ремзи Медик, претседател на НВО „Баирска светлина“-Битола.

Родителите Македонци, не сакаат да зборуваат за нивните одлуки зошто децата ги запишуваат во други училишта, иако припаѓаат во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“, а Ромите пак велат дека нивните деца се соочуваат со дискриминација од најрана возраст и апелираат на соживот.

„Сите сме луѓе, без разлика на вера или боја, исти народ сме, тука сме родени, тука сме пораснати. Не се разликуваме“, рече еден граѓанин.

„Сметам дека тоа е крајно негативна појава и може да се разбере само во негативен конекст тоа немешање на македонските и ромските деца, затоа доаѓа до разделба на тие две етнички заедници“, изјави друг граѓанин.

 Од „ Баирска светлина“ се одлучиле да поднесат тужба против надлежните, откако во изминатите годинине не дала никаков  резултат нивната институционална битка за решение на проблемот со сегрегација на ромските деца.

„Министерствот за образовaние се произнесе со заклучок дека тоа е природна сегрегација, беа информирани и други организации кои што се занимаваат со заштита од дискриминација, се произнесе и народниот правобранител, дека постои сегрегација во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“, но сепак не се преземаа никакви активности за решавање на овој проблем“, рече Ремзи Медик од Баирска светлина

Од новата локална власт  во Битола, велат дека до нив се уште не стигнала тужбата од невладината ромска организација „Баирска светлина“.  Но, сметаат дека  доколку оваа одлука на Советот не дала резултати, тогаш потребно е да се изнајдат други решенија, па дури и можност  родителите без разлика на етничакта припадност или реонизацијата да можат да ги запишта своите деца онаму каде што сакаат. Сепак, градоначалничката Наташа Петровска вели  дека за ова прашање потребна е широка дебата.

„Родителот треба да има право да бара квалитетен наставник и квалитена средина. Ова што сега го кажувам не значи дека училиштето нема квалитетни наставни, тоа е проценка и на родителот, но, по мое мислење е право што треба да го имаат сите родители, вклучително и родителите Роми. На што се однесува тужбеното барање, каде е лоциран проблемот, дали биле почитувани одредени одредби, ќе можам да зборувам тогаш кога тужбата би стигнала кај нас“, изјави Наташа Петровска, градоначалник на Битола.

Во Законот за основно образоавние се вели дека родителот има право да го запише детето во  училиштето  во реонот во кој живее, но може да го запише и во друго основно училиште во истиот или друг реон ако за тоа има согласност од училиштетот во кое се запишува.

Емилија Мисирлиевска

 

Веста е прочитана 1521 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.