Фирмите ги чекаат субвенциите за минималецот, за да не се соочат со проблеми со ликвидноста

18 October, 2017 - 16:02

Бизнис заедницата очекува Владата од наредниот месец да почне со исплата на паричната помош за компаниите кои веќе имаат обврска да ја исплатуваат зголемената минимална плата. Се жалат дека се оптовараени со серија, како што ги нарекуваат, парафискални давачки, а дополнителен трошок за нив сега е и повисокиот минималец од 12 илјади денари. Од Сојузот на Стоопански комори порачуваат дека пред вакви мерки, треба да се прават издржани и квалитетни анализи.

„Не сакаме да се соочиме со проблеми во ликвидноста поради зголемување на трошоците кои компаниите реално немаат можност да ги издржат зашто им се зголемуваат, покрај сите останати парафискални давачки, и овие други давачки како што е зголемувањето на минималната плата. Не би сакале да се соочиме со ситуација во која приватниот сектор ќе почне да го намалува бројот на работните места за да ја исполни квотата за исплата на минималната плата, особено во трудоинтензивните дејности“, вели Арсовска.

Арсовска вели дека државата најмногу треба да делува да се зголеми продуктивноста на фирмите, тие да растат и да се развиваат, со цел да можат самостојно, без државни субвенции,  да ја исплатуваат минималната плата.

Неодамна министерката за труд и социјала, Мила Царовска, информираше дека фирмите нема да можат да ги избегнат минималните плати, бидејќи ниту една плата пониска од 12 илјади денари, нема да помине преку системот на Управата за јавни приходи.

Првиот зголемен минималец е за септември, а нејзината исплата стартуваше од октомври. Дел од работодавачите ги исплатиле старите плати, пред промената на правилникот, но УЈП ги известила да ги коригираат пониските примања. Од наредниот месец не треба да се појават такви проблеми.

Инаку, од ССК денес порачаа и дека за да може приватниот сектор да инвестира, потребна е стабилна политичка состојба во земјата, и редуцирање на честите изборни циклуси. Оваа комора денеска го промовираше проектот Светска мрежа за мали бизниси“, преку кој домашните компании ќе можат да го зголемат извозот. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 1127 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.