ФОТО: Пробиена хауба, куршум на асфалт- каде завршија куршумите од прославата на изборната ноќ

1 November, 2017 - 13:52

Две фотографии објавени на фејсбук страната Ѕид на сообраќајниот срам покажуваат каде завршиле залутаните куршуми испукани пред штабот на ДУИ за Чаир во изборната ноќ.

Еден од куршумите паднал врз возило хонда паркирано на паркингот до црквата Свети Димитрија, на стотина метри од местото на пукањето.

Во близина е најдено уште едно зрно со поголем калибар (најверојатно магнум .357) на асфалтот под столче (дел од опремата на угостителски објект во близина).

Во инцидентот немало повредени.

Пред штабот на ДУИ, по победата на Висар Ганиу (со разлика од 209 гласа) во општина Чаир, десетина луѓе испукаа стотици куршуми во дивата прослава на која зборуваше и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Еден од пиштолџиите пукаше во непосредна близина на двајцата говорници Османи и Ганиу, по што од рикошети и од пробиен плафон на новиот плоштад Скендер бег, паѓаа парчиња бетон врз насобраните околу вицепремиерот. (видеото од инцидентот може да го погледнете тука).

Полицијата соопшти дека го истражува случајот, но нема информации дал некој е пријавен. На прославата имаше и десетина полицајци, но  и во нивно присуство имаше многу пукање. 

Веста е прочитана 4616 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.