Гарантиран доход за елиминирање на сиромаштијата

9 November, 2017 - 16:00

Доколку Македонија издвојува 2,5 пати повеќе пари за социјална помош, стапката на сиромаштија може да се намали за 10%. Институтот Фајненс тинк дизајнира решение со кое ќе се направи ремонт на постоечкиот систем за социјална помош, на семејствата ќе им се гарантира минимален доход а ефектите на пазарот на труд ќе бидат позитивни. Државата сега за социјална помош издвојува 1% од БДП, просечната помош што ја добива едно семејство изнесува 5.973 денари а ефектот е незадоволителен.

Системот на социјална заштита во моментов брои 16 различни видови помош, чие што администрирање е сложено, некоординирано и без можност да се утврди ефектот врз сиромаштијата. Експертите предлагаат три модели на гарантиран минимален приход за семејствата што се под ризик од сиромаштија. Со нив ќе се намали сиромаштијата и нееднаквоста а граѓаните нема да бидат  дестимулирани во барање работа.

Првиот модел предвидува минималниот гарантиран доход за едно семејство со двајца родители и две деца да биде 10.800 денари, вториот модел предлага доход од 9.660 денари. Третиот модел предвидува 15.300 денари што е далеку над минималната плата, но оваа помош ќе биде условена со активност на пазарот на труд, односно семејството ќе има право на надомест кој е половина над доходот кој го заработиле работејки.

Првите две решенија според Петревски даваат предност на еднаквоста како идеолошки принцип и подобрување на животниот стандард, а третот модел дава подобри резултати во вработување на луѓето опфатени со социјална помош. Парите потребни за реализација на било кој од овие модели според него може да се обезбедат и со формализирање на сивата економија, за што владата веќе подготвува стратегија.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 823 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.