Газдите и да сакаат, нема да можат да ја избегнат минималната плата

12 October, 2017 - 16:24

Газдите, дури и да сакаат, никако нема да можат да го избегнат плаќањето на зголемената минимална плата. Ниту една плата пониска од 12 илјади денари, нема да може да помине преку системот на Управата за јавни приходи, објаснува министерката Цароска.

„Минималната плата за сите, и за вработените во приватниот и во јавниот сектор, без исклучок, е 12 илјади денари. УЈП нема да може да помине плати кои се под 12 илјади денари, и тоа е така бидејќи директно, образецот преку кој се поминуваат платите, е веќе изменет, работодавачите се известени, Организацијата на работодавачите оди на терен и врши едукација, а и вработените на Министерството за труд и социјала на терен ги советуваат работодавачите, се со цел да имаме поглатко преминување, односно зголемување на платите“, вели Царовска.  

Првиот зголемен минималец е за септември, а нејзината исплата стартуваше од октомври. Дел од работодавачите ги исплатиле старите плати, пред промената на правилникот, но УЈП ги известила да ги коригираат пониските примања. Од наредниот месец не треба да се појават такви проблеми.

Фирмите по исплатата на минималната плата, ќе бараат субвенции од државата, која треба да им ги рефундира парите најдоцна за 40 дена, а за тоа од буџетот ќе се издвојуваат по 1,5 милиони евра месечно.

Минималната плата од 12 илјади денари ги подгреа страстите кај дел од вработените во администрацијата. Од Конфедерацијата на слободни синдикати обвинија дека со нејзиното зголемување во приватниот, ќе се изедначат нивните примања со оние во јавниот сектор, и затоа побараа зголемување од 20 отсто. Велат дека не функционира социјалниот дијалог, а се заканија и со штрајк после локалните избори.

„Веднаш по завршувањето на локалните избори доколку надлежните органи и нивните претставници на локално ниво и дел од раководствата во јавниот сектор продолжат со досегашниот начин на кршење на правните документи, КСС ќе преземе легитимни и легални мерки, како што се организирање протести пред надлежните државни институции кои се директни носители на споменативе состојби, ќе организира генерални штрајкови на ниво на јавниот сектор вклучително генерален штрајк на национално ниво во сите дејности“, рече Ралповски.

Од министерството за труд, пак, возвратија дека КСС своите ставови имале можност да ги предложат на Економско социјалниот совет, но нивните членови ги бојкотирале седниците. За зголемување на платите во јавниот сектор, мора да се внимава тоа да не го зголеми јавниот долг.  

„Во однос на зголемувањето на платите, досегашните решенија беа парцијални, нецелосни, неконзистентни, а предлогот не е на линија на фискална консолидација на среден рок и намалување на јавниот долг“, велат од министерството.

Затоа, тврдат оттаму, треба да се оди на системско решение, при што ќе бидат понудени основни начела за утврдување на платите.​​

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 10007 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.