Германија го предупредува Трамп за повлекување од договорот со Иран

14 October, 2017 - 16:28

Ако САД се повлечат од нуклеарниот договор со Иран или повторно му воведат санкции, Техеран може да произведе нуклеарно оружје, а тоа ќе ја приближи опасноста од војна кон Европа, изјави германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел. Шефот на германската дипломатија притоа рече дека американското повлекување ќе ја приближи Европската унија кон Русија и Кина.

„Импретив е тоа што Европа се држи заедно по ова прашање. Ние исто така мора да им кажеме на Американците дека нивниот однос кон иранското прашање ќе не приближи нас европјаните на иста позиција со Русија и Кина против Америка“, изјави Габриел.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера одби официјално да потврди дека Техеран го исполнува договорот од 2015 година иако меѓународните инспектори го потврдуваат тоа. Трамп предупреди дека е можно САД да се повлечат од договорот.

Габриел истакна дека Трамп испратил опасен сигнал во момент кога неговата Влада треба да се справи и со нуклеарната криза со Северна Кореја. Според него ако САД се повлечат од договорот и повторно воведат санкции против Техеран, тогаш иранските приврзаници, кои се против преговори со Западот, ќе добијат моќ и ќе започнат со производство на нуклеарно оружје.

Веста е прочитана 407 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.