Ѓорчев: Имавме грешки во избор на кандидати за градоначалници и во реализација на ветеното

1 November, 2017 - 21:35

Има обединетост и кохезија во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, изјави членот на Извршниот комитете на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев во вечерашната Топ Тема на Ваша страна, како одговор на прашањето дали по поразот на локалните избори партијата очекува осипување на пратеничката група. Ѓорчев иако избегнуваше директно да одговори дали во самата партија посто самокритика за поразот на локалните избори и дали некој ќе понесе одговорност, единствено призна грешка во изборот на некои од кандидатите за градоначалници и во пораките кои ги испраќале во кампањата.

„Имавме греши и во делот на изборот на кандидатите и гласачите за тоа не казнија. Апсолутно сме свесни дека имавме грешки и во ветувања кои не сме ги рализирале. Но ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати“, изјави Ѓорчев.

Сепак тој во неколку наврати повтори дека најголема одговорност за поразот на ВМРО-ДПМНЕ лежи во, како што рече, најскандалозно спроведените избори во 27 години. Ѓорчев иако не отстапи од партискиот став дека изборите биле нерегуларни, истовремено изјави дека „сите градоначалници и секој глас кој го освои ВМРО-ДПМНЕ на овие избори е легитимен“, а дека нелегитимни се оние на СДСМ.

Тој не одговори на прашањето дали внатре во партијата се побарани реформи и смена на лидерот на партијата, велејќи дека „одлука е на Централниот комитет дали ќе се свика Конгрес“. Притоа тој рече дека главна тема на Ивршниот комитете на ВМРО-ДПМНЕ, по изборите, биле нерегуларностите.

Ѓорчев посредно призна дека ВМРО-ДПМНЕ ја сфатила грешката која ја направи со антиалбанската реторика која ја имаше на парламентарните избори во 2016 и со тоа губењето на албанските партнери.

„Во периодот кој следува ние ќе ја артикулираме нашата порака кон Албанците. ВМРО-ДПМНЕ треба подобро да комуницира со албанскиот електорат“, изјави Ѓорчев.

Влатко Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто во Топ Тема на Ваша страна изјави дека е во ред, по 11 години и десет победи, да се загубат избори и оти тоа е природен процес.

Веста е прочитана 4097 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.