Глутница овчарски кучиња го искасало стомакот на 3-годишно дете кое се бори за живот на КАРИЛ

17 March, 2017 - 16:28

Дете родено во 2013-та година е на скопската клиника КАРИЛ во тешка и сериозна состојба откако вчера препладне го нападнале и искасале глутница овчарски кучиња и кучиња-скитници. Детето е од селото Бачишта кое се наоѓа во општина Кичево, а нападот на кучињата се случил околу 11.30 часот вчера во близина на селото.

Детето излегло од својата куќа и сакало да премине преку нива за да појде во соседната куќа, но во тој момент било нападнато од кучиња кои дошле од блиската штала со овци, сопственост на 49-годишен жител на Бачишта. Сопственикот ги чувал кучињата пуштени во дворот, а во нападот врз детето се приклучиле и селски кучиња-скитници.

Детето веднаш е префрлено во клиничкиот центар во Скопје. Кога било примено најтешки повреди имало на стомакот, кучињата му ги искасале и внатрешните органи и дијафрагмата во тој дел од телото, ни соопштија од клиничкиот центар.

Состојбата на повреденото дете била животно загрозувачка и веднаш е оперирано на детската хирургија. По операцијата состојбата на повреденото дете кое е сместено на клиниката КАРИЛ се уште е тешка и сериозна.

Полицијата од Кичево ја завршила истрагата и најави кривична пријава против сопственикот на кучињата кои го нападнаа детето.

М.С.

Веста е прочитана 11783 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.