Годинашниов „Македокс“ посветен на визуелната нарација

16 August, 2017 - 17:14

Со македонската премиера на документарниот филм „Со љубов“, на режисерот Илија Цветковски, в сабота во Куршумли Ан ќе започне 8-то издание на меѓународниот фестивал за креативен документарен филм „Македокс“. Според организаторите, ќе бидат прикажани вкупно 68 остварувања, во кои акцентот е ставен на раскажувањето низ слики.

(изјава: Петра Селишкар- селекторка на „ Македокс“)

@Сите овие филмови ги одбравме токму затоа што се многу убаво визуелно раскажани. Значи не се класични документарни филмови со многу зборување, туку не води визуелната нарација“, вели Петра Селишкар, селекторка на „Македокс“.

За главната награда „Кромид“ ќе се натпреваруваат 7 документарни остварувања, а во конкуренција за „Млад кромид“ е филмот „Рид од боровинки“, во продукција на Телевизија Телма. Негов автор е Јордан Дуков, снимател е Јане Марковски, а монтажата е на Снежана Младеновска- Анѓелков. Во оваа селекција е и словенечкиот филм „Граници“, чија тема се мигрантите. Земја во фокусот, овој пат е Грузија.

„Македонкс направи избор од најнови грузиски документарци. Одбра 6 долгометражни документарци од млади автори, на кои што им се први филмови и еден краткометражен“, рече Петрула Вељановска.

Новина е наградата „Сечкан кромид“, што ќе се додели за најдобар краткометражен документарец, а се враќа и програмата за деца, млади и семејства. Во оф програмата ќе се одржат работилници за визуелна нарација и за фотографија, како и повеќе концерти. Покрај Куршумли ан, содржините се распоредени во Даутпашиниот амам и кај црквата „Свети Спас“. А, се очекуваат 65 значајни имиња од светот на филмот да дојдат на „Македокс“. 

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1245 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.