Градежен негира вина, Сугерески вели одговорност за автопатот мора да има

9 October, 2017 - 16:29

Немаме вина за пропустите при изградбата на автопатот Кичево - Охрид. Деканот на Градежен Факултет, Мославац вели дека изградбата во 2014 почнала набрзина, а врз основа на старите проекти од 2000 година. Структурата на теренот таму е многу сложена, тврди Мославац, не можеа да ни помогнат дури ни Французите.

„Доаѓаа светски експерти од Франција, за да ни помогнат и да ни дадат совети при решавање на проблемите, и тие кога дојдоа на терен, беа навистина зачудени од тежината на теренот. Тоа се проблеми кои постојат на терен и се решаваат и сигурен сум биде дека автопатот ќе биде завршен во рокот“, вели Мославац.

Деканот, откако прво им забележа на новинарите што го прашуваат за овој проблем на прославата на 68 годишниот јубилеј на Факултетот, рече дека Градежниот институт Скопје кој е надзорен орган, навреме го информирал ЈП за патишта дека постојат проблеми, а со нив цело време соработувал Градежниот факултет, како консултант на Министерството за транспорт.

Но, со него не се согласи министерот Сугарески, вели одговорност мора да има, во игра се големи пари.

„За одговорноста вие поставивте прашање до деканот, јас стојам на тврдењето дека одговорност мора да има, станува збор за сериозна количина на пари која ќе мора да се одвои од буџетот, дали преку кредит, или директно преку буџетот, факт е дека тој автопат мора да се доизгради“, вели Сугарески.

Мославац вели дека се појавиле многу дезинформации за пропустите кај автопатот.

„Јас не зснам што значи тоа погрешна траса, за таа траса е направен претходен проект, идеен проект и главен проект, и трасата се изведува така како што е проектирана. Имаше и изјави за подземно езеро кај тунелот, тоа не е точно“, рече Мославац.

Колку пари екстра ќе одат за Кичево-Охрид, Сугарески повторно не кажа, вели преговараме со Синохидро и за дополнителните средства, и за рокот, откако стана извесно дека ни случајно автопатот нема да финишира до јануари 2018. Дотогаш се надева дека преговорите ќе бидат завршени.

„И затоа сега ги почнуваме преговорите, со цел тие да бидат навреме завршени, за да има и динамика на изведба, и динамика на плаќање, за да не направиме нарушување на стопанството, бидејќи е очигледно дека од секое задоцнување, дали преку пенали или преку оштетни побарувања, државата има зијан, а зијан имаат и компаниите што работат, и сите компании“, рече Сугарески. 

 

Се шпекулираше дека Кинезите бараат 143 милиони евра плус пари за да го доизградат автопатот, покрај првично договорените 374 милиони, а според некои проценки, рокот ќе се пролонгира за најмалку три години. 

Нина Нинеска-Фиданоска

 

Веста е прочитана 2960 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.