Граѓанскиот сектор бара буџетот да се крои под нивна лупа

19 October, 2017 - 18:20

Буџетот за идната година веќе се крои, но новата Влада, која вети дека државната каса ќе ја креира транспарентно, се уште не побарала мислење од невладиниот сектор, тврдат дел од граѓанските организации.

„Согласно буџетскиот календар и законот за буџет, да, ние сме во циклус на буџетскиот процес за донесување на буџетот за наредната фискална година. Јас немам добиено никаква покана, ниту имам информации дека буџетот се подготвува, во која фаза е, и како реагираат буџетските корисници сега, со промената на власта“, вели Марјан Николов, претседател на Центарот за економски анализи.

Откако Министерството својата програма за реформа на управувањето со јавните пари ја стави на увид на јавноста, денеска невладините, под покровителство на ЕУ, ги дадоа своите препораки како да се подобри буџетската транспарентност, иако, на состанокот не дојде претставник од Финансии. Очекуваат министерството да ги вклучи во мониторинг и на спроведувањето на програмата.

„Многу добар почетен чекор на новата Влада е што почна со објавување на граѓанскиот буџет, со кој на едноставен начин и објаснува на пошироката јавност како и за кои намени ќе се трошат нивните пари, но има уште многу што може да се направи, на проимер, во соседна Албанија, сите расходи на државата може да се видат во реално време на веб страната на Владата“, вели Николов.

Од Финансии велат дека нивниот став јасно се гледа токму во правењето на стратегијата, кога на јавна дебата на оваа тема во Министерството, беа присутни претставници од граѓанскиот сектор. 

„Комуникацијата со граѓанскиот сектор е од особена важност и таа во соработка со вработените ќе се продлабочи при имплементацијата на оваа стратегија. Буџетот ќе им биде даден на увид на граѓаните и организациите, и ќе бидат консултирани за конкретни мерки кои се во нивниот домен на дејствување“, велат од Финансии.

Ветуваат и дека граѓанскиот сектор ќе биде и дел од платформата Граѓански Буџет 2018. 

Експертите и со препорака, Владата да не трча само по високи стапки на економски раст, туку да се бори за благосостојба која ќе ја почувствуваат сите граѓани.

Премиерот Зоран Заев на Самитот 100 рече дека Западен Балкан мора да остварува раст од најмалку 5 отсто за неговиот стандард да се приближи до оној на ЕУ.

„Економски раст од 5 отсто, ако почива на загадување на животната средина и креирање нееднаквост, тоа дополнително ќе ги заостри конфликтите во општеството, тоа е една импотентна изјава која политичарите долго ја злоупотребуваат, и служи само за мотивирање на гласачите и за стерилна импотентна дебата на политичките партии“, вели Николов.

Четворицата премиери, пак, од регионот, на самитот се обврзаа дека владите ќе изградат добра инфраструктура и ќе ги намалат бариерите за трговија, што треба да го зголеми растот и така да се подобри квалитетот на живот на сите граѓани.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 841 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.