Хрватските власти го апсат поранешниот врв на паднатиот гигант „Агрокор“

17 October, 2017 - 16:20

Дванаесет лица се досега уапсени во акцијата Агрокор, додека полицијата изврши претрес во дваесетина објекти во сопственост на осомничените. Акцијата продолжува а досега се уапсени поранешниот финансиски директор Иван Црњац, екс извршната копретседателка Љерка Пуљиќ, поранешната членка на управата Пирушка Цањуга, поранешниот член на Надзорниот одбор Томислав Лучиќ а основачот на концернот Агрокор, Ивица Тодориќ и неговите синови, за сега остануваат на слобода.

„Таа е уапсена, таа е осомничена, се товари дека од 2006 до 2017 како членка на управата, заедно со другите членови на управата прифаќала невистинита финансиска документација“, изјави адвокатот на Цањуга, Анто Нобило.

Акцијата започна откако Агрокор, најголемиот балкански работодавач, со дури 60.000 илјади вработени, пријави милионски загуби и беше ставен под државно управување. Стечајниот управник Анте Рамљак минатата недела најави кривични пријави против одговорните лица во хрватскиот концерн поради финансиски неправилности.

„Се е засновано на ревизорскиот извештај, неправилности во книговодството, лажирани баланси, лажирани изводи, се она што досега беше познато“, рече адвокатот на Црњац, Љубо Павасовиќ.

Хрватските медиуми одговорност за падот на Агрокор бараат и од владата, како сегашната така и поранешните. Лажираните финансиски извештаи, кои покажувале добивка а всушност Агрокор правел милионски загуби, им биле познати на властите, но тие не само што го прикривале случајот, туку и со години трошеле милиони евра спасувајќи го концернот. Сегашната влада отфрла одговорност.

„Се знаеше дека нешто не е во ред и во 2010, 2012, 2013 и најверојатно 2005та“, вели министерот за економија Томислав Толушиќ.

Се очекува проширување на истрагата и кон поранешниот гувернер на Хрватската народна банка Жељко Рохатински, кој на функцијата дојде токму од Агрокор и во чие време компанијата добиваше помош од народната банка, Агенцијата за надзор на финансиските услуги ХАНФА која не реагирала во случајот како и кон неколку хрватски банки кои направија огромен профит затоа што кај нив завршила помошта од Народната банка.

Само во последните две години вредноста на Агрокор падна 22 милијарди куни, а висината на целосниот долг се уште не е позната. Според официјалните финансиски документи, најголем доверител на Агрокор е руската Сбербанк на која хрватската компанија и должи дури 1,1 милијарда евра. Останатите доверители, чии побарувања се очекува да се објават, вклучуваат добавувачи, сопственици на обврзници и други банки.

Игор Трајков

Веста е прочитана 1483 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.