И Охрид ќе одржи референдум за бегалците

12 September, 2017 - 15:47

Со 13 гласа „ЗА“ и двајца воздржани, советот на општина Охрид го прифати предлогот на советничкото мнозинство предводено од ВМРО ДПМНЕ за распишување на референдум против изградба на станови за мигранти на територијата на општина Охрид, кој ќе се одржи на 15 октомври заедно со локалните избори. Дел од советниците од опозцијата не присуствуваа на гласањето, поради дилеми околу ингеренциите на локалната самоуправа околу ова прашање.

Очекувано расправата на седницата мина во меѓусебни политички обвинувања. Локалната власт ја обвини опозицијата дека наместо туристи во Охрид сака да носи мигранти. Датумот за референдум намерно се поклопува со локалните избори заради добивање ситни политички поени за непостоечки проблем, возврати опозцијата.

Согласно донесената одлука локалната самоуправа во наредниот период треба да го дефинира референдумското прашање и да изврши технички подготовки за одржување на референдумот.

Горан Момироски

Веста е прочитана 1327 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.