Идната недела ќе се бира наследник на Рибарев

31 October, 2017 - 15:59

Наредната среда, Судскиот совет ќе избира нов претседател на скопскиот Кривичен суд, стои во соопштението на Советот. Кандидатури поднеле осуммина судии. Огласот беше распишан во јули, но Судскиот совет и покрај тоа што во најголемиот кривичен суд имаше двајца вршители на должност, поради локалните избори го оддолжи изборот.

Советот првин ќе ја разгледа оставката на доскорешниот вршител на должност претседател на судот Стојанче Рибарев, кој на 25-ти октомври си поднесе оставка додека судот доби задача да ја подготви документацијата за екстрадицијата на Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Рибарев навел лични причини како образложение за оставката иако многумина во јавноста оценија дека не го издржал притисокот по истрагата на СЈО за АКМИС системот и за издавање службени тајни во истрагите на специјалното обвинителство.

Потоа Судскиот совет ќе го објави рангирањето на осумте кандидати, а наредната точка е избор на нов претседател на судот. Кандидати се доскорешниот претседател на судот Владимир Панчевски кому СЈО му изврши претрес во кабинетот поради сомнеж дека издавал службени тајни од нивните истраги со злоупотреба на АКМИС системот. Втор кандидат е Иван Џолев, и претходно се обиде да ја добие позицијата иако беше префрлен од Панчевски во прекршоци, а со екс претседателот разменија серија пријави и обвинувања. Некогашниот заменик на Панчевски, Ивица Стефановски е трет кандидат. Кандидирани се и Оља Ристова која заработи преместување поради критиките кон судските одлуки за истрагите на СЈО, како и Верка Петковска која за два дена треба да ја изрече пресудата за Диво Насеље. И доскорешниот судија на организиран криминал префрлен на прекршоци Ѓоко Ристов е кандидат, а слична судбина но од претходна постапка во оддел за прекршоци имаше и Осман Шабани. Кандидатка за претседател на Кривичниот суд е и Весна Димишкова, која на СЈО одобри претрес во просториите на петата Управа на УБК.

Судот нема редовен претседател веќе 11 месеци по завршувањето на мандатот на Панчевски. Оттогаш имаше двајца В.Д. претседатели, не го издржаа жешкото столче и си поднесоа оставки од лични причини. Предметите на СЈО се во овој суд, каде налетуваа на најголеми пречки во истрагата и во судските процеси што кулминираше со бегството на Грујевски и Бошкоски.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 633 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.