Министерството за земјоделство почнува ревизија за доделувањето земјоделско земјиште

14 September, 2017 - 16:35

Незаконски склучувани договори и анекси за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп, во што наводно е вмешан и поранешен заменик министер. По трагите на овие индиции за злоупотреби и обемната документација со која располага, Министерството за земјоделство стартува внатрешна ревизија на регуларноста на делењето на земјиштето. Процесот треба да покаже дали тоа завршувало во рацете на вистинските земјоделци, или кај поранешни државни моќници за кои други го обработувале, а тие го собирале кајмакот. Ќе се направи длабинска и опсежна анализа тргнувајќи од договорите склучени во 2016 па наназад, а првите резултати се очекуваат до крајот на годинава.  

„Имаме индиции за незаконски склучувани договори и анекси на договори, без овластувања. На пример заменик министер склучувал договори без овластувања. Исто така, за дел од овие договфори не биле плаќани надоместоците, и тоа за илјадници хектари земјиште. За дел од нив веќе покренавме и постапки за раскинување“, вели Николовски.

Додека беше заменик министер за земјоделство во техничката Влада, Николовски објави серија документи за незаконски распределено државно земјиште и тоа на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, шефови на кабинети на функционери, сопственици од медиумскиот бизнис. Денеска министерот не сакаше да споменува имиња, но вели дека за сите овие случаи се покренати соодветни кривични пријави до Јавното обвинителство за организиран криминал и другите обвинителства и тој очекува дека ќе бидат соодветно процесуирани.

Штом внатрешната ревизија заврши, на јавноста ќе и бидат во најкус рок познати функцфионерите кои учествувале во незаконското делење земјиште, велат од земјоделство. Ќе се испитува и дали имало аномалии кај распределбата на земјоделските субвенции.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 1593 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.