Исчезнала слика од Петар Мазев потврдија од СОЗР

24 June, 2017 - 15:32

По извршениот попис, комисијата формирана од Службата за општи и заеднички работи при Владата, потврди дека меѓу позајмените дела од Националната галерија на Македонија, недостасува слика од авторот Петар Мазев.

-По направениот увид од комисијата од СОЗР на Владата, констатирано е дека од 26 слики кои се позајмени од Националната галерија на Македонија, 25 се пронајдени во кабинетите во Владата, а дел во депото. Според увидот во списокот доставен од НГМ, недостасува дело од Петар Мазев, истакна Пеце Мирчевски - директор на СОЗР.

Со оваа потврда од СОЗР, се става крај на шпекулациите околу исчезнувањето на слика од Мазев од Владата, во 2014 година, за што минатата седмица информираше Телма, од свои извори. Од СОЗР додаваат дека за проценката на состојбата во која се пронајдени останатите дела, откако биле симнати од ѕидовите за време на реновирањето на владината зграда од претходната власт, ќе чекаат на увидот од комисијата, од Националната галерија. А, од таму со одговор дека и покрај надешта дека сликата на Мазев ќе биде пронајдена во текот на пописот, согласно Законот за заштита на културното наследство, за нејзиното исчезнување веќе ја информирале Управата за заштита на културното наследство.

-Се уште не можеме да кажеме дека е исчезнато, дека го нема. Сепак да почекаме , надлежните да си ја извршат својата функција. Но сега, следното барање е до Управата за заштита на културното наследство. Нашето барање е веќе испратено до таму, кажа Дита Старова Керими- директорка на Националната галерија на Македонија.

Иако побаравме, од Управата за заштита на културното наследство,  не добивме одговор. Пред да започне пописот, од безбедносни причини, отворена е нова постапка за утврдување на идентитетот на секој од комисијата од Националната галерија, што треба да влезе во Владата. Националната галерија на Македонија на Владата и дала на реверс, дела од автори од првата и втората генерација современи македонски сликари, пред 18 години, а пред 10 годин, кога дојде на власт ВМРО - ДПМНЕ, не им било дозволено да направат увид. Од галеријата на чие барање е пописот, се надеваат дека ќе ја пронајдат сликата на Мазев зашто им треба за изложбата во негова чест, што ќе биде отворена во октомври.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 2565 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.