„Иван се враќа дома“ во МНТ

17 September, 2017 - 18:06

Во МНТ започна ревијата на претстави „ Иван се враќа дома“. Станува збор за претстави на славниот московски театар „ Мастерскаја Петра Фоменко “, во режија на  Иван Поповски, кој повеќе од 25 години живее и работи таму и е еден од основачите на театарот.

Ревијата ќе трае до 23 септември , а не неа по два пати ќе бидат прикажани три претстави кои од критиката и публиката се високо оценети и ги освоиле најголемите руски театарски награди.   

Со изведбата на претставата „ Алиса зад огледалото“,  во МНТ започна ревијата „ Иван се враќа дома“. Иако  таа ја освои наградата Златен витез за најдобра детска претстава во Русија , режисерот Иван Поповски пред почетокот на ревијата, не ја криеше возбудата од настапот пред домашната публика .

Постојано имам трема, а овдека дури и повеќе отколку што можеби треба. Тоа е одговорност, можеби и гени. Што знам. Сепак се враќам дома со три претстави кои што се правени таму, кои што се многу комплицирани. Да речеме Алиса, вели Поповски.

За доловување на театарската магија од делото на Луис Керол, Иван Поповскисо 4 камиони од Москва пристигнаа 6 сценографии и повеќе од 400 костими на кои работеше Ангелина Атлагиќ. А, сонот на Алиса, на сцената на МНТ го оживуваат 40-тина актери и музичари. За магичниот изглед и успехот на оваа, а и на претставите „ Отровната туника“ од Гумиљов, чии две изведби веќе се распродадени и „ Сон на летната ноќ“ од Шекспир, за која Поповски ја освои „ Златната маска “, која се третира како руски театарски Оскар, режисерот вели дека има среќа што работи со мобилни актери. Но, открива и други тајни на успехот.

„Формата, мислите, начинот на зборување. Сето тоа треба да биде подредено, сето тоа треба да биде после. На прво место е стихот, на прво место е музиката на ритамот на стиховите . Сето друго е второстепено“, објавнува Поповски.

Гостувањето на театарот „ Мастерскаја Петра Фоменко“ во Скопје, го овозможи мецена од Москва, кој годишно покрива 30 % од буџетот на театарот.

„Тој на мојот директор му кажа дајте ми калкулација, колку чини гостувањето со сите претстави на Иван. Да се запознае неговата татковина, неговите земјаци да се запознаат со тоа што го работел во својот матичен театар. Така што целото е покриено“, изјави Поповски.

Трите претстави ќе бидат изведени со титлуван, но и со синхронизиран превод. Поради ситни технички проблеми сношти доцнеше почетокот на „ Алиса зад огледалото“. Но, веќе од денеска важи новото правило на МНТ за затворање на вратите за публиката што доцни , 5 минути пред почетокот на секоја претстава. 

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1947 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.