Иванов ангажира советници во предизборие, Андонов како советник си го земал поранешниот шеф на кабинет

10 September, 2017 - 15:56

Претседателот Ѓорѓе Иванов распиша оглас за вработување на двајца советници во време кога се распишани изборите. Во огласот објавен на 23 август, а кој траел до 28 ми август се бараат по еден советни за надворешна политика и одбрана и безбедност. Колку пари ќе добиваат за нивната советничка улога во огласот не пишува, а не се знае ни на колку време ќе биде нивниот ангажман освен што се знае дека е на определено. Телма се обиде да дознае од кабинетот на претседателот од каде потребата токму во време на предизборие да се вработуваат советници, но од таму само кусо одговорија.

-Распишаниот оглас е во согласност со законските процедури и за истиот имаме добиено согласност од Комисијата за спречување на корупцијата.

Инаку, според изборниот законик од денот на распишување на изборите до  завршување на избори не може да се започне постапка за вработување. Отстапка од ова има ако се работи за итни и неопходни вработувања. Но Иванов не е единстевниот кому му биле потребни советници. И поранешниот директор на резерватот Јасен, Оливер Андонов за три месеци додека се наоѓаше на функцијата ангажирал советници. Меѓу нив е и Миле Јакимовски шефот на кабинет додека беше и министер за внатрешни работи, функција која ја имаше само еден ден по што стана заменик министер. Според договорот советник на Андонов му требало од први јуни па се до крајот на октомври. Надоместокот за ова би бил 44 илјади денари, но нема потенцирано дали се работи за месечен приход.

Андонов во телефонски разговор вели дека неопходен му бил советник бидејќи тој не е шумар по професија. Во врска со надоместокот се работи за техничка грешка при пишувањето на договорот и дека ако треба тој ќе сведочи дека е предвидено месечно да се исплаќа. Но освен овој договор Андонов за само три месеци склучил уште неколку договори за ангажирање на експерти кои ќе ги обучуваат вработените во ИТ областа, јавни набавки, но и од финансиско сметководствени работи. Извори од претпријатието брифираат дека ова било дополнително оптоварување за буџетот на Јасен, за Андонов било неопходно. Инаку Телма претходно објави дека и поранешната, но и сегашната Влада ангажира еден куп советници. На поранешниот премиер Груевски бројката достигнала и повеќе од 80, а на некои им биле исплаќани и месечни износи од неколку илјадници евра. За сега актуелниот премиер Зоран Заев има 15 -тина, а најголемата плата е 1 500 евра. 

Билјана Николовска

Веста е прочитана 5724 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.