Иванов и Мета зборуваа и за законот за јазици

20 November, 2017 - 16:10

Многу економија, малку политика, поддршка за НАТО членството на Македонија, оценка дека македонската заедница во Албанија и албанската во Македонија се мост за соработка, ова се темите на тет-а тет средбата меѓу Македонскиот претседател Ѓорге Иванов и неговиот гостин од Албанија, Илир Мета, кој е во дводнева посета на Македонија. Колку и што разговарале за законот за јазици, кој е во собраниска процедура, не беше откриено, за Мета тоа е позитивен исчекор, додека Иванов преку новинарско прашање го откри својот став дали ќе го потпише указот за законот кога ќе биде усвоен.

Иванов тврди дека на средбата со Мета разговарале и за здравтсвената состојба на Едмонд Темелко, градоначалникот на Пустец кој е обвинет од СЈО за изборни нерегуларности и впишувањето на Македонци од Албанија во избирачки список во Македонија.

Мета рече дека во својот мандат ќе ја подржи македонската заедница во Албанија во зајакнување на нивниот идентитет и положба. Ние се гордееме со исклучителните вредности на македонската заедница, беше неговиот првичен одговор - зошто Албанија го призна бугарско малцинство. Прашан и за судската постапка за Диво Насеље тој одби да коментира судски постапки и изрази очекување дека натамошните фази од судскиот процес ќе бидат транспарентни и со почитување на европските стандарди.

Македонија треба да стане членка на НАТО, се согласија и двајцата, а Мета оцени дека пречките за тој процес ќе бидат отстранети. Двајцата претседатели разговарале и за економската соработка, зголемување на трговија и подобра инфраструктура за таа цел. Подобро да разговараме и да соработуваме, отколку да си судиме за прашања од минатото, ова според гостинот од Тирана е посакуваната состојба за односите меѓу Македонија и Албанија.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 728 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.