Прифатен предлогот за смена на Марко Зврлевски

13 June, 2017 - 16:19

Осум членови на Советот за јавни обвинители биле „за“ само еден бил „против“ разрешувањето на државниот обвинител Марко Зврлевски. Претседателот на советот Аневски не сакаше да открие каков бил соодносот, ниту дали тој бил единствениот кој не дал согласност со оглед на тоа што минатата недела го кажа својот личен став дека Зврлевски е перфектен обвинител. Денеска придавката перфектен стана добар.

-Се изразив може со многу суперлатив, но тој е добар обвинител, сите го делат тоа мислење, и мнозинството членови на Советот и нема забелешка за неговата работа, но кога се дава предлог од Владата за негово разрешување Советот мора да се произнесе позитивно или негативно во рок од 15 дена, ние тоа го сторивме денес.

Аневски рече дека уште денеска позитивното мислење на Советот ќе го испрати до Владата. Според извори на Телма можно е уште утре разрешувањето на државниот обвинител да се најде на собраниска седница. За разлика од седницата на Советот на собраниската седница Зврлевски ќе може и лично да присуствува и да го каже својот контра став. За негово разрешување потребно е да гласаат 61 пратеник.

Аневски се согласува дека СЈО беше формирано како коректив на државното обвинителство, но смета дека државниот обвинител и шефовите на обвинителствата не можат во детали да ја следат работата на сите обивнители.

Советот повторно ќе треба да даде мислење позитивно или негативно за владниот предлог кандидат за нов државен обвинител. Премиерот Заев рече дека се размислува за кандидат од редот на правните ексерти. До неговиот избор на чело на обвинителството ќе застане првиот заменик на Зврлевски, а тоа е Џелал Бајрами кој беше министер за труд и социјала и заменик во МВР.

Елена Ивановска Мукоска

Веста е прочитана 11954 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.