Јужна Кореја одобри помош од осум милиони долари за Северна Кореја

21 September, 2017 - 11:07

Јужна Кореја денеска одобри испраќање помош во вредност од осум милиони долари за Северна Кореја, кои ќе бидат префрлени преку агенции на ОН, јави Јонхап. Сеул одлучи да ги заштити бремените жени и малите деца во Северна Кореја, кои се соочуваат со сериозна хуманитарна криза, се наведува во соопштението на јужнокорејското Министерство за национално обединување. Одлуката е донесена и покрај стравувањата дека јужнокорејската помош може да ги осуети меѓународните напори за вршење притисок врз Пјонгјанг за да се откаже од својата нуклеарна и ракетна програма.

 

„Владата ќе го процени времето на доделување помош и нејзината големина, земајќи ги предвид различните фактори, вклучувајќи ја и ситуацијата меѓу Северна и Јужна Кореја“, се потенцира во соопштението.

Сеул верува дека прашањето за укажување помош на Северна Кореја треба да се разгледува одделно од политиката. Извештај на ОН покажува дека околу 72 отсто Севернокорејци страдаат од недостиг на храна или недохранетост. Околу 1,3 милиони лица, во најголем дел жени и деца, имаат итна потреба од помош. УНИЦЕФ предупреди дека децата под петгодишна возраст во Северна Кореја се изложени на голема опасност поради хронична недохранетост и неадекватна здравствена заштита. 

Веста е прочитана 923 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.