Како и да се мери, Македонија е меѓу најсиромашните европски земји

18 October, 2017 - 21:59

Се хранат од контејнери, живеат на улица или во напуштени објекти. Некогаш исхрана обезбедуваат од акциите на хуманите граѓани, некогаш остануваат гладни. Тоа се луѓето на долниот праг на сиромаштија, кои немаат работа и исклучително ниски приходи. Оваа категорија ја нарекуваат апсолутна сиромаштија, таа стапка се уште не е измерена во земјава.

Но, не треба да сте само невработен за да бидете сиромашен во Македонија. Може и да одите на работа или да земате пензија, и повторно да влегувате во оние 21, 5 отсто, кои важат за сиромашни според Државниот Завод за статистика. Стапката на сиромаштија последен пат е мерена за 2015 година, а државната статистика тоа го прави според податоците од Анкетата за приходи и услови за живеење. Или, според оваа стапка на таканаречена релативна сиромаштија, секој петти наш граѓанин живее во ризик од сиромаштија. Истата база на податоци говори дека стапката на сиромашни вработени лица е 8,9 отсто, додека стапката на сиромашни пензионери е 7.3 проценти.

Домаќинствата со две издржувани деца имаат стапка на сиромаштија од 22,9 отсто.

Според една анкета на институтот Фајнанс Тинк, дури 69 отсто од граѓаните во земјава не можат да отидат на одмор еднаш годишно, 59 проценти, пак, не можат да јадат во ресторан еднаш месечно. Дури 34 отсто од граѓанството, не може да си дозволи – ништо.

Како и да се мери, Македонија влегува меѓу неколкуте најсиромашни европски земји.

Иако од година во година благо се намалува стапката на сиромаштија, од Владата признаваат дека таа е се уште на изразено високо ниво. Затоа и таа ќе биде нивниот приоритет, се обврзале пред гражаните  дека до 2020 година ќе ја намалат под нивото од 16 проценти.

Министерството за труд и социјала, најавува сеопфатна реформа на системот на социјална заштита, што треба да обезбеди правилно таргетирање  и насочување на социјалните бенефиции кон за лицата и семејствата кои се наоѓаат во социјален ризик од сиромаштија  и социјална исклученост.

„Особено се  потенцира потребата за воведување на законско решение за унапредување на условите за развој на социјално претприемништво, со цел формирање на социјални претпријатија, од кои дел ќе бидат и обезбедувачи на социјални услуги, за кои ќе бидат креирани мерки и поволности во рамки на активните мерки за вработување, а со тоа ќе се помогнат и поддржат постојните граѓански организации кои сега работат во полето на социјалната економија, да ги зголемат и зајакнат своите капацитети и можностите за нови вработувања на ранливи категории на граѓани“, велат од Министерството за труд.

Во моментов, висината на  постојаната парична помош изнесува - за носителот на правото 4.247 денари, за носител и  еден соуживател таа е 5.946 денари, а за носител и два или повеќе соуживатели, висината на правото изнесува  8.494 денари.

Факт е дека социјалната помош е ниска, велат експертите, таа не е доволен бафер да ги намали ризиците од сиромаштија. Но согласни се дека е неопходна длабока реформа на системот на социјана заштита. Мора да зајакне ефикасноста на иснституциите кои работат со социјалните случаи.

Социјалната помош да се третира како заштита во инцидентни ситуации, а примателите да се поттикнуваат да бараат работа и да ја надминат таа ситуација.

Петрески очекува дека во надминување на сиромаштијата ќе помогне и зголемената минимална плата од 12 илјади денари, која сегашната Влада ја направи задолжителна веќе од септември оваа година. 

Нина Нинеска - Фиданоска

Веста е прочитана 1569 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.