Каматите ќе растат - предвидуваат банкарите

28 September, 2017 - 18:24

Завршува ерата на ниски камати. Банкарите предвидуваат дека каматните стапки постепено ќе растат, прво на меѓународните финансиски пазари. Тоа ќе оди координирано и без поголеми шокови за приватниот сектор, вели првиот човек на Шпаркасе банка, Бишев. Македонија, како мала економија не може да влијае, па тоа што се случува во светски рамки, ќе мора да се пренесе и во земјава.

„Долгорочно, тоа не значи утре, не значи дека ќе има некои брзи промени, но такви се предвидувањата, почнувајќи од крајот на 2018 на светско ниво, што најверојатно ќе се пренесе и во Македонија“, вели Бишев.

Колкав ќе биде порастот, Бишев вели дека оној што тоа би го погодил, би бил еден од најбогатите инвеститори, бидејќи тоа е најтешкото прашање.

Точно е дека каматите во светски рамки беа историски најниски, велат бизнисмените, но тоа воопшто не важеше и за Македонија. Додаваат дека само најдобрите фирми добиваат камати до 5 отсто, а полошите дури и до 8 проценти.

Како еден од главните виновници за тоа ја посочуваат државата. Не само претходната Влада, туку и оваа, вели бизнисменот Рафајловски, продолжува да се задолжува на домашниот пазар, а тоа ги прави банките комотни да не мора да дават кредити на стопанството.

Нормално е дека банките посакуваат раст на каматите, бидејќи од нив ги добиваат најголемите профити, но Рафајловски не очекува каматите во земјава да пораснат, барем не во наредната година.

„Сметам дека е крајно време во Македонија банките да си го добијат своето место и да се изедначат со бизнисот, а не да бидат во повластена позиција во која се наоѓаат во изминативе 20 години откако ги консолидиравме. Сметам дека наредниот гувенер, бидејќи од овој не очекувам, треба да седне и најсериозно да ја разгледа таа опција, бидејќи нашите банкари не работат ништо друго од банкарски производи, туку наједноставно им е давање кредити врз основа на хипотека“, вели Рафајловски.

Дека фирмите и натаму тешко добиваат заеми од банките, денеска соопшти и Народната банка, дека во првиот квартал од годинава е регистриран пад на кредитната поддршка за корпоративниот сектор.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 3117 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.