Ќе се пополнуваат испразнетите места во обвинителствата

14 November, 2017 - 17:00

Љубомир Јовевски е на чекор до најмоќната обвинителска фотеља, но Советот на јавни обвинители наскоро ќе ги пополнува и шефовските позиции во уште две многу важни обвинителства за расчистување на криминал и корупција, Скопското основно обивнителство и организиран криминал.

Деновиве советот на јавните обвинители ја привршува постапката за пополнување на над 10 испразнети обвинителски места меѓу кои и шефови на обвинителства во Тетово, Гостивар и  Битола. Од таму за Телма потврдија дека од вчера се вршат интервјуа со кандидатите и најдоцна следната недела ќе се одржи седницата за избор.

Како што објавивме претходно, за шеф на скопското обивнителство освен досегашната шефица Гордана Гешковска се пријавиле и нејзиниот поранешен заменик Јован Цветановски и обвинителите Мартин Митевски и Расим Дреца. Особено голем интерес има во организиран криминал каде најголем дел од обивнителите се пријавиле за раководната позиција меѓу кои и привремениот шеф  Златко Биковски, обвинителите од „Диво Насеље“, Вилма Русковска и Наум Паноски, обвинителката од „Ровер“, Лидија Раичевиќ Вучкова.

 Иако беше распишан оглас и за двајца обвинители за во Вишото скопско обвинителство и еден за во Републичко, овие избори се стопирани. Од советот за Телма потврдија дека за сега нема да ги пополнуваат овие места. Како што дознаваме причината е тоа што судовите ги поништуваат одлуките на советот кој не им дозволуваше на обвинителите да го продолжат работниот век  за уште две години туку веднаш ги пензионираше.

Конкретно деновиве Управниот суд ја уважил жалбата на еден републички обвинител кој откако наполнил 64 години Советот не му дозволил да остане на работа. Од судот велат дека и други обвинители го тужеле Советот, но се уште нема одлуки. Обвинителите очекуваат Советот да ги врати на работа, а од таму велат ќе донесат соодветна одлука.

Огласот за избор на обвинители еднаш беше поништен поради истек на 6 месеци, па во јуни повторно се распиша нов.

Елена Ивановска Мукоска

Веста е прочитана 1193 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.