Ќулавкова: заедничкиот интерес е стратегија од национален карактер

25 June, 2017 - 15:58

Хуманите и заеднички аспекти на стварноста и развојот на Македонија треба да бидат на прво место за сите, бидејќи мора и најразличните по концепт и партиска идеологија да бидат свесни дека заедничкиот интерес е стратегија од национален карактер за државата, смета академик Ќулавкова.

-Прво што очекувам е внатре во државата да почнеме да живееме малку понормално, да се намали говорот на омраза, да се прекине со тој да речам слободно кавгаџиски однос меѓу владејачката и опозициската партија која и да е на власт, тоа го наметна како стил особено ВМРО и го наметнува сеуште. Се надевам дека ќе се свестат и ќе видат дека тоа не води никаде. Сиот мој живот сум била убедена дека најдолга и најдобра иднина има граѓанскиот концепт и тоа посебно во средини кои се мешани за секој да може да се чувствува како граѓанин на државата, на институцијата во една заедница, додава Ќулавкова.

-Да нема пренагласување на разликите. Обратно во Македонија се пренагласуваат разликите, се затвораме се „либанизираме“ се вели тоа, се затвораме во сопствената култура, во сопствениот јазик, во сопствената традиција, почнуваме со анимозитет, со скепса да гледаме на Другиот. Ние сме на некој начин фатени во стапица на сето она кое што не дели, на разликите на една мултикултура која во радикална форма е дезинтегрирачка.

Во своето најнова книга „МАКЕДОНСКИ ВОЛНЕНИ ВРЕМИЊА“, која претставува збирка интервјуа кои академик Ќулавкова ги давала за различни медиуми во последните 25 години се опфатени нејзините ставови и согледувања за историјата на македонската култура и општество воопшто.

Нина Стефанова

Веста е прочитана 1887 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.